Наместо да се труди да даде избалансиран поглед на историјата од најучените историчари во земјата, ББЦ се потпираше на маргинални личности, чии ставови се вклопуваа во „разбудениот“ поглед кон империјалното минато на Британија, забележале уште во 2022 година универзитетските професори од здружението „History Reclaimed“.
Тие директно се пожалиле до ББЦ дека историските документарци се полни со тенденциозни ставови, лажно претставени како факти.
Наместо да признаат документарците ја искривуваат вистината, раководителите на ББЦ ги обвиниле академиците за „избирање примери, се наведува во меморандумот изготвен од Мајкл Прескот, поранешен советник за стандарди во јавниот медиум.
Историчарите ја критикуваа програмата во која се сугерираше дека гладот во Бенгал од 1943 година е последица на расизмот од страна на Винстон Черчил. Британија всушност испратила големи количества храна во индискиот регион погоден од војна.

Во една епизода од археолошката емисија „Копање за Британија“ се тврдеше дека британската политика за време на Големиот глад во Ирска во 19 век, предизвикан од слабиот род на компири, претставувала „истребување на еден народ“ и дека помошта била одбиена. Било премолчено дека премиерот Роберт Пил купил американска пченка за да нахрани 500.000 луѓе во Ирска.
Раководството на ББЦ го одбило предлогот од советникот Прескот да одржи состанок со историчарите за да се разјаснат нивните забелешки. ББЦ го обвинило здружението дека „избира неколку примери од илјадници часови продукција што не е фер претставување на содржината“.
ББЦ е критикувана и дека на децата им претставува пристрасен поглед кон комунизмот, преку веб-страницата „Бајтсајз, наменета како алатка за учење. Во материјалите се изложени централните начела на марксизмот и појавата на Советскиот Сојуз, се признава дека комунизмот „поставил премногу ограничувања на индивидуалната слобода“, но не спомнати диктатори како Јосиф Сталин или милионите жртви на комунистичките режими.