Што е „израмнување на кривата“ на коронавирусот и зошто тоа е важно?

Иако процените се дека имунитетот на комплетното човештво моментално е како кај Индијанците при доаѓањето на Колумбо, и дека со тек на време најголем дел од светската популација ќе се зарази, здравствените власти низ светот сепак имаат сосема поинаква логика зошто инсистираат во моментов секој да даде се од себе во борбата против ковид-19.

Откако се помирија со тоа дека и кај нив е дојден ковид-19, американски доктори повикаа на агресивни мерки за „израмнување на кривата“.

Фразата се однесува на графички приказ на бројот на заболени во одреден временски период и границата што не смее да се пројде за јавното здравство да не крахира од нови случаи.

Иако докторите веќе се свесни, а и светските лидери се помирија, дека најголем дел од популацијата во следниот период ќе се зарази со корона вирусот (позитивна страна на ова е што тие што ќе го преживеат ќе помогнат во создавање на групен имунитет) и дека тој нема да може тек така да се стопира, сега тие работат на негово успорување.

За ова да се постигне клучни се мерките како забрана на големи собири (спортски, верски, политички), поттикнување на луѓето да се самоизолираат и да избегнуваат блиски контатки со други ако тоа е возможно.

„Со други зборови, со израмнување на кривата, државите кои не можат да се справат со вирусот, барем ќе го забават ширењето за нивниот здравствен систем да може соодветно да се погрижи за луѓето,“ се објаснува во текстот на Ен-би-си.

Директорот на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести, Антони Фанучи, објаснува дека избегнувањето на остри скокови во кривата на епидемијата може да го намали вкупниот број на жртви во една држава.

12 март 2020 - 11:39