Има нешто здраво во државата Данска

Данците долго се на врвот на листата на најсреќни земји на светот а ова е приказна за Копенхаген и цаките кои ги прави, за луѓето да бидат  позадоволни од него. Нашето евентуално патешествие кон нивниот статус нè води низ две невозможни мисии. Прво, да дојдеме до пари и второ, да не ни бидат битни.

Од 1986 година, под покровителство на Светската здравствена организација, во светот постои нешто што се вика Иницијатива на здрави градови. На оригиналните 11 града - Барцелона, Блумсбери/Камден, Бремен, Дизелдорф, Хорсенс, Ливерпул, Рен, Софија, Стокхолм и Турку - Копенхаген им се придружува веќе следната година а денес во шемата се 1.400 градови. Сите тие прават нешто занимливо да ги направат своите граѓани среќни. Финскиот Турку, на пример, за тамошни услови бадијала пари (39 евра) нуди 6 месечен влез во спортски објекти, кино сали и концерти. Њукасл нуди кино проекции прилагодени на стари лица со деменција, Виена организира заеднички разгибавања на клинци и маторци....

Меѓу сите нив, Копенхаген ќе да е врв.

На пример, градот е првенствено дизајниран за велосипедисти а не за автомобили. Фрапантни 62% од луѓето кои живеат во градот на работа секојдневно одат со велосипед а една четвртина од семејствата имаат карго велосипед, за пренесување дете/деца. За нив нема мистерија во мотивите: не возат точак затоа што „било здраво“ туку затоа што така човек најлесно се движи по градот.

Тука упаѓа нивното чувство за детали. Бидејќи сакаат да возат точак ем да пијат кафе, кантите за ѓубре им се благо навалени кон патеката, за човек полесно да ја погоди кантата. А онаму кајшто треба да застанат на семафор, постојат подигнати платформи за човек да потпре нога а да не мора да стане од седиште.

„Тоа се мали работи, ама важни“, објаснува првиот човек на Институтот за истражување на среќата, Меик Вилкинг. „Копенхаген не е голем град во смисла на атракции и споменици но е голем во смисла на удобност и насоченост кон луѓето“.  

Пушењето во затворени простори е генерално забрането, но не дека нема каде да запалиш. Во барови помали од одредена квадратура, пушењето е дозволено а во политичката арена, околу  ова прашање постојат силни групации кои го бранат правото на избор а пушењето го сметаат за човеково право. Дури и онаму каде што тоа е забрането, ако запалите ќе бидете љубезно предупредени, нема веднаш да ви рипнат државни мршојдаци за да ви стегнат парична казна.

Своевремено и тие пробаа со даноци да решаваат некои проблеми. Од фамозниот данок на дебелина настрада данската сланина и путер но и здравите бадеми и други јаткасти плодови, па во 2002 го повлекоа, истовремено откажувајќи се од воведување акцизи на други пороци.

„Ние не сме остров како Англија, нашите луѓе лесно можат да тркнат до Германија и таму да се опиваат колку сакаат. А тоа не е добро ни за нивното здравје ни за нашиот буџет“, умно проговара Катрине Шјонинг, главна во градот за јавното здравје.

Данците сфатиле дека најдолго ќе живеат не оние со најмногу пари туку оние со најквалитетно образование па во него жестоко инвестираат а тоа, на сите нивоа е бесплатно - од јасли и градинки па до факултети. Здравствените институции нудат бесплатни тренинзи за одвикнување од пушење а клиниките - исто така бесплатно - 9 неделни курсеви за намалување на стресот, без разлика дали стресот доаѓа од многу работа или од немање работа.

Болнички третмани се, погодувате, бесплатни а предвидени се големи казни ако некој човек се задржи еден ден повеќе во болница ако можело да биде пуштен дома. Да, дневната нега за стари лица е бесплатна.

Па кој тоа сè го плаќа, побогу? Се разбира, Данците. Тоа е земја со најкратката работна недела во ЕУ (37,8 часа) но и една од земјите со највисоки даноци, при што државата може да земе и над 60% од домашните приходи.

„Ние инвестираме во квалитетот на животот. Да, ако платам помалку данок можам да си дозволам подобра кола но таа нема да ме направи среќен. Тоа што ме прави среќен е кога знам дека сите што ги сакам и кои ми се важни се добри и згрижени. Тоа е клучот за разбирање на скандинавската среќа. Во скандинавскиот модел на живот среќата нема цена“, објаснува Вилкинг.

Индексот на среќата кој ОН го мери со децении а на кој Данците се постојано во врвот, не го мери моменталното чувство на луѓето туку нивната разумна проценка на таа тема. Па прашањето гласи:

„Замислете го најлошиот можен живот кој може да ви се случи и замислете го најдобриот живот кој би можеле да го имате. Меѓу тие две крајности, на скала од 0 до 10, како го оценувате својот?“

Упросечено, Данците одговараат: 7,57.

Македонците, на кои животот им проаѓа во сендвичот ВМРО - СДСМ или ЕУ - Русија, на тема на среќата се сместени во сендвичoт Хондурас - Сомалија.    

 

13 февруари 2018 - 00:53