Алкохолот не е баш голем пријател и сојузник на мозокот, ако не се сметаат идеите кои му доаѓаат на пијан човек кои во тие моменти му изгледаат генијално за утре или скроз да ги заборави или пак, да се сети на нив и да сфати колку уствари биле глупи.
Но, истражувачи од Мастрихт тргнале да проверат едно другои, прилично раширено верување меѓу билингвалните лица дека алкохолот им помага подобро и потечно да го зборуваат немајчиниот јазик, за што постојат многу сведоштва и анегдотални докази.
Мастрихт е холандски град близу до германската граница кој привлекува голем број германски студенти кои сепак треба да го учат и познаваат холандскиот јазик. Истражувачиве земале 50 такви, со ист степен на познавање на холандскиот. На едни им давале вода, на други вотка. И после секоја рунда разговарале со одбрана група локални граѓани без овие да знаат кој што пиел од нивните соговорници.
На крај локалците ги оценувале лингвистичките вештини на своите соговорници при што умерено пијаните имале најдобри резултати, во смисла на вокабуларот, изговорот, флуентноста и сите други елементи на говорот.
Ова истражување завршува тука и на претпоставки зошто е тоа така. Затоа што зборувањето странски јазик носи извесна доза на нелагодност и анксиозност а алкохолот помага таквите пречки да се премостат.
Со други зборови, звучиш подобро затоа што не ти е многу гајле како звучиш.