Десетици илјади страници електронски и други преписки добиени благодарејќи на американското "Право да се знае" (дел од Актот за слобода на информациите) ја откриваат сликата за тоа како добро подмачканата ПР машинерија на гигантот за генетски модифицирани организми ја впрегнува науката и нејзините поткупливи претставници.
Во крајна линија, шемата е едноставна: тивко се најмуваат угледни претставници на академскиот свет да напишат нешто позитивно за ГМО а потоа истите тие заклучоци се преточуваат и дисеменираат наоколу како предавања, референци, блог постови и анализи.
Сето ова го има сумирано Стивен Друкер во својата книга "Изменети гени, извртена вистина" во која се вели:
"Над 30 години, стотици (ако не и илјадници), поборници на биотехнологијата вработени во научни институции, владини бироа и корпоративни седишта, систематски ја компромитираат науката и ги извртуваат фактите за да се поддржи генетскиот инженеринг со што директно придонесуваат во нашите чинии да стигнува таква храна".
Меиловите и документите на 43 државни универзитети во САД во кои се вклучени научници, економисти, правни и комуникациски експерти, откриваат дека главен плејмејкер на Монсанто бил Ерик Сакс, нивен главен човек за тн "стратешки ангажман" во чии шеми секогаш била вклучена платена ПР фирма која се користела како трета, независна страна.
На пример, во 2013-та, тој контактира 9-тмина угледни академици изложувајќи им го планот тие накратко да ги скицираат политиките за важни прашања од биотехнолошката сфера. Изборот токму на овие луѓе бил правен "поради нивното влијание врз јавните прашања, ГМО регулациите и мислењето на конзументите".
Потоа, нивните заклучоци доаѓаат во рацете на платени ПР фирми (една од нив маскирно наречена "Американски совет за наука и здравје") кои ќе го менаџираат процесот на нивна имлементација и ќе ја координираат нивната веб промоција. Со други зборови заклучоците од академиците ќе бидат мерчајндазирани и претворени во едиторијали, блог постови, теми за говорници на дебати, семинари, вебинари и слично.
Оваа трета страна се вметнува за да се создаде илузијата дека авторите пишуваат и комуницираат слободно, без вклученост на Монсанто.
Сето ова, се разбира, завршува со големи пари: Федералните регулатори за нови генетски модифицирани семиња даваат зелено светло за нивна регистрација по интервенцијата на академиците во Департментот за земјоделство во полза на индустријата, откриваат меиловите. А научниците и нивните Универзитети добиваат грантови.
Еден од најеклатантните примери за најмување вклучува професор од Харвард.
"Тој лани пишува статија за поддршка на ГМО-то која добива голем научен и јавен публицитет, но истовремено ги премолчува конекциите со Монсанто и нивните ПР фирми", открива новинарка на Бостон Глoуб.
Преписките откриваат дека истиот оној Ерик Сакс од Монсанто, на професорот Калестус Џуманот му предложил тема, заклучоци и наслов за неговиот нареден труд. На крајот Џуманот го сменил само насловот но сето друго останало во рамките на нарачката.