Американската група за следење на националните медиуми, Фаир.орг, анализира како западните медиуми зборуваат за последните настани во Газа, каде израелската војска до сега уби 30 Палестинци, а над 1.100 има рането.
„Терминот ’судир’ речиси секогаш се користи за перење на асиметријата во моќта и за на читателот да му се остави впечаток на две еднакви завојувани страни.
Ова пак ја затскрива динамиката меѓу силите и природата на самиот конфликт, на пример, кој го започнал и какви оружја биле користени.
’Судир’ е најдобар пријател на новинарот кога сака да опише насилство без да навреди некого што има моќ - или по зборовите на Орвел ’да се именуваат работи без да се повикаат ментални слики од нив,’“ пишува Адам Џонсон во анализата на Фаир.орг.
Тој наведува неколку наслови од западни медиуми како ги пренесуваат случувањата во Газа:
- Си-ен-ен: „Новинар меѓу 9-те мртви во последните судири во Газа“
- Вашингтон пост: „Запалени гуми, солзавец и пукање со боева муниција: Судирите во Газа станаа смртоносни“
- Ројтерс: „Ранети демонстранти во судирите во Газа“
- Индепендент: „Судири во Израел: Седум Палестинци убиени на протестите на границата со Газа“
- Њујорк тајмс: „По судирите во Газа, Израел и Палестинците се борат со видеа и зборови“
„’Судир’ имплицира одредено ниво на симетрија. Кога на едната страна умираат десетици луѓе, а другата седи зад тешко забарикадирани ѕидови, пукајќи кога сака на невооружен народ оддалечени стотици метри, тогаш тоа не е ’судир’. Туку, попрецизно може да се опише како ’масакр’ или барем ’пукање на демонстрантите’. (Ниту еден Израелец не беше повреден, што би било изненадувачки кога двете страни вистински би се ’судриле’.)
Големиот смоквин лист на ’судири’ не е потребен кога се известува за непријателите на САД. Во 2011, западните наслови редовно пишуваа дека Муамер Гадафи и Башар ал-Асад ’пукаа на демонстранти’. Прост и обичен англиски функционира кога се известува за оние кои стојат лошо со американскиот безбедносен естаблишмент, меѓутоа кога се во прашање сојузниците на САД напорите да се лажира еднаквоста меѓу страните бараат употреба на се поапсурдни еуфемизми за маскирање на она што навистина се случува - во овој случај, масакр на невооружени луѓе од голема далечина.
Израелците имаат најмодерна војска: Ф35 воени авиони, Саар воени бродови, Меркава тенкови и Хелфајр ракети, да не збориме за најнападниот апаратус за следење на планетава; тотална контрола на воздухот, морето и копното. Во Големото мартовско враќање на протести, Палестинците употребија камења, гуми и, според израелската војска, повремен Молотов коктел, иако за ова немаше независна потврда.
Тука асиметријата на моќта е една од најголемите во споредба со кој било друг конфликт на светот, а сепак западните медиумите се држат на институционално ниво до ’кругот на насилство’, во кој ’двете страни’ се претставени како две рамноправни единки. Терминот ’судири’ им дозволува ова вечно да го прават, без разлика колку насилството станува еднострано,“ пишува Џонсон.
Видеото на Гардијан снимено од припадници на израелската војска: