Паралелно со аргументите на штабовите и нивните кандидати, медиумите и од лево и од десно кога избираа кои приказни ќе ги покриваат го следеа ишаретот што стига од политичарите кои им се фаворити. Десните медиуми зборат за убиство извршено од мигранти, левите новински извори за нелегалниот имигрант кој направи сериозно подобрување во својата заедница.
„Иако социјалните медиуми и партизираните вести дозволија да бидат чуени повеќе гласови, тоа исто така значи и дека сме опкружени со повеќе луѓе што манипулираат кои факти стигаат во нашите њузфидови.
Ние би извадиле поинакви заклучоци - па дури и да е само понијансирана слика - ако ги имаме сите информации околу некое прашање, а не само деловите кои најдобро му одговараат на одредено гледиште...
... Наместо лажни вести и алтернативни факти, главната опасност на денешното време се селективните факти. Селективните факти се ’вистинити’ факти кои кажуваат само дел од приказната,“ објаснува Немил Далал во текстот за Кварц.
Ваквото однесување на медиумите и селективните факти одлично легнуваат со пристрасноста на читателот, кој секогаш има тенденција да бара вести и социјални медиуми што ги потврдат неговите гледишта. Најголемиот дистрибутер на вести на светот, Фејсбук, работи токму на овој принцип и преку своите алгоритми на читателот му ги дава исклучиво само информациите што се согласност со неговите ставови и гледишта, притоа формирајќи информациски балон, кој по изборите во САД беше едно од објаснувањата кое им се нудеше на либералите за нивната изненаденост од поразот.
Селективните факти, крајно успешно се користат низ целата историја. Американските искуства потсетуваат на времето на војните против Индијанците, во кои секое нивно злодело против белите дојденци е масовно пренесувано во весниците. Притоа злоделата на Американците против овие домородците не се ни споменуваат.
„Селективните факти се полоши отколку директно лажните вести бидејќи тие се сеприсутни и далеку потешко се оспоруваат отколку очигледно лажните изјави.
Имањето факти - без разлика колку се еднострани и избрани - нè прават претерано самоуверени дека знаме што се случува. Истражувањата покажуваат дека кога некој основано ќе ги оспори фактите во кои веруваме, ние и понатаму ќе останеме уверени во нашите ставови. Други студии покажуваат дека ние сме посебно наклони кон факти кои одговараат на нашите гледишта,“ пишува Немил Далал.
Далал дава и упатство како да се справиш со селективни факти:
1. Секоја вест што ја читаш - дури и онаа за која веруваш дека е 100% точна - стави ја во контекст, види дали фали некоја важна информација, и дали недостатокот може да влијае на твојот заклучок.
2. На социјалните медиуми следи ги луѓето со кои не се согласуваш - и не само затоа што сакаш да ја разбереш „другата“ страна. Иако на социјалните медиуми е најлесно да се фатиш за екстремните позиции, тие најчесто не го претставуваат општиот поглед на „другата“ страна.
3. Барај повеќе од други, истакнувај селективни факти кога ќе ги забележиш на социјалните медиуми; пријателите е многу поверојатно меѓу себе да се убедат околу пристрасноста и селективните факти, отколку ако се нападнати однадвор.
„Вестите не претставуваат репрезентативен поглед на она што се случува во светот - туку тоа е она за што публиката на една новинска организација најмногу сака да чита. Исто е и со социјалните медиуми, таму не се работите што се најважни за нас да ги прочитаме - туку она за што тие мислат дека секој од нас сака да чита.
Ако старите медиумите се комунистички мини-маркет со апсурдно ограничен избори, денешните медиуми се светкава шведска маса во Вегас распослана за да ја улови секоја наша слабост - а ние мора да научиме да имаме побалансирана исхрана,“ пишува Далал.