Европската комисија веќе има составено експертска група на високо ниво која во претстојните седмици треба да го објави својот извештај на темата.
Претходно, кон крајот на февруари, раководителката на одделот за медиа и интернет на Советот на Европа објасни дека треба за се зборува за „загадување на информации“ а не за „лажни вести“. Таа понатаму прави поделба на неточни информации (лажни, ама без намера да наштетат); дезинформации (лажни, преправени или манипулирани содржини создадени со цел да наштетат); и злонамерни (кои не мора да се лажни, туку се протекувања, малтретирање, говор на омраза, одмаздничко порно и.тн).
„Треба да се знае дека ’лажните вести’ најчесто воопшто не се лажни. Туку тие се базираат на природната склоност на луѓето да создадат наратив: ако А и Б се случиле, тогаш може да го заклучиме Ц.
Лажните вести најчесто се составени од вистинито А, и вистинито Б, и ги наведуваат читателите да дојдат до лажната претпоставка Ц. И многумина од нас го прават тоа. Бидејќи луѓето така функционираат.
Прашањето дополнително го комплицира растечкиот број на актери кои ги користат лажните вести, и нивните разнолики мотивации, од лична нетрпеливост, за сеир, финансиска придобивка или политичка моќ, до дестабилизација на демократијата...
... Па и затоа сочувствувам со Европската комисија, бидејќи задачата воопшто не и е лесна. Она со што не можам да се согласам се навистина ужасните идеи кои беа претставени како ’решенија’,“ пишува Џенифер Бејкер во текстот за Некст веб.
Под ова Бејкер ја опфаќа предложената француска забрана за објавување лажни вести за време на предизборната кампања, и германскиот закон со кој социјалните мрежи се казнуваат со 50 милиони евра доколку во рок од 24 часа не избришат некоја злонамерна содржина. Суштинската промена тука е што со ова не се казнува создавањето содржина, туку нејзиното циркулирање, а притоа одлуката паѓа на компаниите кои заработуваат од кликови.
„Да побараш од социјалните медиуми доброволно да го намалат бројот на кликбејт лажни вести е комплетно незамисливо ако се има предвид нивниот бизнис модел. Не се назначува касап за да брани интереси на вегани!
Да ги натераш да го прават ова под закана од казна е подеднакво лошо, и ќе го зголеми превентивното цензурирање од страна на технолошките компании плашејќи се од регулаторна одмазда,“ објаснува Бејкер.
Проблемот со намерата целата работа да им се предаде на машините (бидејќи човечки не може да се доследи целата содржина што се обработува) е дека тие сериозно ќе грешат. И моменталното следење на „правила на заедницата“ алгоритмите не успешно го спроведуваат, „не треба клучевите на нешто важно како нашите демократски принципи да им ги предаваме на системи кои не ја разликуваат Мадона од 4-годишно дете, или порно од воена фотографија.“
„Лажните вести се културолошки проблем, и им треба културолошко решение - претераното потпирање на технолошки решенија е краткорочен излез кој на крај може многу повеќе да ги влоши работите,“ потсетува Бејкер.
Од решенијата што ја вознемируваат Бејкер е замислата дека лажните вести можат да се преплават со вистина, односно на лажната вест да и се закачат што е можно повеќе поврзани вести и контекст кој ќе ја покаже нејзината погрешност. Иако ова звучи добро, проблемот повторно се јавува кога ќе треба да утврдиш што е лажна вест, како и потребата од „алтернативен поглед“ на целата работа.
„И тука е проблемот со автоматизираниот пристап. Со тоа што ќе дадеш „алтернативен поглед’ на сите вести, платформите не намерно ќе почнат да претставуваат лажни вести како ’алтернатива’ на искрено новинарство, и со тоа ќе го зголемат бројот на лажни вести.
Постојаното споменување на ’алтернативи’ на вестите исто така промовира размислување дека сè е релативно и дека не постојат апсолутни факти... освен ако не сакаме властите да ги надгледуваат медиумите како Министерството за вистина на Орвел,“ објаснува Бејкер.
Решението што таа го смета за изводливо и дека ќе држи на долг рок е менување на целосниот начин на кој што се финансираат медиумите. Односно префрлање од сегашните алгоритми кои на читателот му даваат само она што тој сака да го прочита, и со тоа го заклучуваат во ехо-комора, во префрлање на нешто што таа го нарекува „издржливо финансирање.“