Стовариштето е големо, напуштено, полно со графити и по некој скејтер и сличен урбан карактер, се граничи со прочуената Кристијанија а на новинарот му изгледала како Four Season ресторан, ама после Апокалипсата.
Но, Рене Реџепи друго гледа.
Тој планира комплетно да го редефинира тоа место и од него да направи урбана фарма која ќе почне да работи на почетокот на 2017-та откако таа Нова Година ќе ги послужи последните оброци во сегашната Нома.
Потегот не му изнуден. Бизнисот му цвета, на ресторанот му оди одлично, никој не му покачил кирија ниту пак околината му е загрозена со некое ново градилиште.
Просто, човекот е визионер кој сака и има храброст да ги следи своите соништа а по негова проценка, време е неговата Нома драматично да еволуира во сосема нов концепт.
Ќе прави бавча на кровот на магацинот а ќе извади и големи парчиња асфалт за да дојде до земја за на неа да создаде катна градина, на рафтови. Сака во следниот објект да се јаде она што самите го произведуваат а менито комплетно ќе биде изменето и ќе биде сезонско.
Еден готвач од Њујорк кој работи со свои намирници има огромна почит за пионерскиот потег на Реџепи но предупредува дека го чекаат и предизвици, особено во врска со непредвидливоста на земјоделието. "Ќе мора да научи да работи не со најдобрите намирници туку со она што земјата му го дала", вели тој.
Иако проектот на Реџепи заличува на оној во филмот Фицкаралдо кога главниот јунак (Клаус Кински) планира да изгради опера сред џунгла, Реџепи не е уплашен. Знае дека презема голем ризик што го прави малку нервозен.
Сиве овие години ризикот постојано е дел од неговиот став кон работата. Тој и во сегашната Нома постојано експериментираше, воведувајќи нови и храбри начини на ферментација и готвење, воведување нови намирници и слично.
На крајот од статијата, новинарот на Њујорк тајмс изгледа конечно ја укапира поентата па го пренесува гостиварецот:
"Мене не ме држи место". вели Рене Реџепи.