Свет

Германија е против проширување на ЕУ по сегашните правила

Новата германска влада бара од ЕУ да се откаже од принципот на консензус за да може да продолжи проширувањето. Правото на вето на секоја земја е кочница за прием на нови членки. Ова го порача и францускиот претседател Макрон пред неколку години: прво реформи па проширување. Ако сега Европа не може до консензус со 27 членки, како ли ќе ѝ успее кога ќе има 35?

Што всушност сака Трамп од Канада?

Кога во првиот мандат Трамп го пречека Трудо во Белата куќа (и цврсто му ја стискаше раката), говореше за „соседи што споделуваат многу повеќе од граница“. Во вториот мандат ја нарекува Канада „51 држава на САД“. Северниот сосед нема одговор зошто Трамп со територијалните претензии ги загрозува односите со најблискиот дипломатски, економски, воен и културен сојузник. 

Рекорден број мигранти со чамци пристигнуваат во Британија

Нема ништо од тврдењата на Кир Стармер дека ќе го реши проблемот со мигрантите и со шверцерските банди што ги транспортираат преку Ла Манш. Годинава со чамци пристигнале многу повеќе отколку во истиот период лани. Опозициските ториевци го обвинуваат премиерот дека единствениот план за заштита на границата му е „да се моли за лошо време“.

САД немаат дефицит: Ја израмнуваат сметката со извоз на долари

Претседателот Трамп го наведува трговскиот дефицит како доказ дека странците всушност ги ограбуваат Американците. Но, во пресметката на дефицитот се заборава на доларите што странците ги чуваат како резерви за да си обезбедат сигурна куповна моќ. Тој извоз што не се книжи во сметководството ја порамнува трговската размена и ја прави Америка богата и просперитетна.

Париз виде аир (& air) од забраната на колите

Во воздухот во Париз буквално може да се забележат резултатите од политиките за ограничување на сообраќајот и за забрана на возилата што најмногу загадуваат. Многумина се бунеа, но мерките ги поттикнаа парижани да ги заменат автомобилите со велосипеди, да користат јавен транспорт и да пешачат. Покрај здравите навики, денес дишат двојно почист воздух и имаат поголеми зелени површини. 

Кина е подготвена за битка

Доналд Трамп се пуваше дека светски лидери „му бацуваат газ“ во обид да преговорат поволни царински договори со Соединетите држави. На вечера за собирање донации ги исмеваше, имитирајќи ги како му се увлекуваат. Не кажа на кои земји мисли, ама е јасно дека во тоа купче не беше Кина. Нејзината реплика на објавувањето трговска војна од Вашингтон беше: Ајде!

Мексико собира вода за да им го плати долгот на САД

Мексиканците бараат начин како да ја исполнат квотата на вода што преку реки и акумулации се обврзани да им ја достават на САД. Им преостануваат само шест месеци да испорачаат вода колку за три и пол години. Ако не го направат Рио Гранде повторно „гранде“, веќе знаат што ги чека. Фармерите од Тексас се жалат дека Мексико им ја краде водата, а оние од Чивава се спремни да ја бранат.

САД ќе укинува визи и зелени карти за антисемитизам

Американски агенти ќе претресуваат милиони пораки што странски студенти и мигранти ги објавиле на социјалните мрежи. На оние што постирале антисемитиски содржини може да им ги поништат визите и зелените карти. Службениците и апликантите почнаа трка за пребарување по Фејсбук, Икс и Инстаграм – едните за да ги регистрираат спорните постови, другите за да ги избришат.

Америка повлекува војска од клучно место во Полска

Американската војска соопшти дека почнала да „репозиционира“ луѓе и опрема од авио-базата  Јасионка во Полска. Варшава ја уверува домашната јавноста дека ваквиот потег не значи сигнал дека САД губат интерес за источното крило на НАТО но факт е дека Јасионка беше клучна точка за достава на оружје за Украиина.

Вампири и неродени деца цицале милиони од социјални програми

При темелно прегледување на исплатите на социјална помош за невработени лица во САД Канцеларијата за штедење на Илон Маск открила милионски суми за кои аплицирале илјадници старци, бебиња, па и на неродени деца. Бројките се превисоки за да се отпишат како „бирократска грешка“. Поддршка за невработеност побарал и Американец со датум на раѓање во 2.154 година. 

Ете зошто Трамп повикуваше: „Сега е време за купување!“

Трамп ја запре тврдоглавата трговска војна на самиот раб на амбисот. Коментатори претпоставуваат дека некој му го ставил прстот на челото, но паузата за тарифите од 90 дена воопшто не беше ненадејна. Во момент кога берзите вртоглаво тонеа, Трамп вчера во 9.37 часот ја објави пораката: „Сега е одлично време за купување“. Оние што му поверуваа се збогатија буквално преку ноќ.

Погоди кој доаѓа на убиство

Или некој во британската влада ептен е навлечен на научна фантастика или технологијата го стигнала нивото на дистописките сценарија на холивудските филмови. Со програма украдена од „Малцински извештај“, алгоритам со вештачка интелигенција ќе ги следи лицата со и без досие, ќе претпостави кој и кога има убиствен нагон и ќе го спречи злосторството. Што може да тргне на лошо?

Европа сака да ја гушне вештачката интелигенција, а не да ја задуши

Критикувана како претерано претпазлива, па и преплашена од технолошките иновации, Европската Унија реши да скршне од трасираната патека и да ја прегрне вештачката интелигенција наместо да бега од неа. Најавува олеснување на строгите регулативи и бирократски процедури за да привлече гиганти и стартапи и да ја загрози доминацијата на САД и на Кина на глобалниот пазар.

Суд казни германски новинар поради критика на министерка

Американскиот потпретседател ЏД Венс ги критикуваше „орвелијанските“ германски закони за слобода на говорот. Суд од Бамберг се потруди да го поддржи. На уредник му е изречена условна затворска казна поради фотомонтажа на министерка што упорно тужи за клевети. Гревот е тоа што наместо нејзината оригинална порака, уредникот напишал „Ја мразам слободата на говорот“. 

Тарифите го осиромашија Трамп за половина милијарда

Трамп се погоди и себе со царинскиот рафал за целиот свет. Форбс проценува дека за една недела неговото богатство се намалило за половина милијарда долари. Луѓето се потпираат на каприци, а не на логика, кога купуваат луксузни недвижности и скапи членства во клубови. Колку е поголема неизвесноста од потезите на Трамп за глобалната економија, толку повеќе ќе му се намали личното богатство.

Мигрантите ќе плаќааат дебели казни ако не се самодепортираат од САД

Администрацијата на Доналд Трамп ќе ги удри по џебот илегалните мигранти за да ги притисне самите да си заминат. За секој ден поминат во САД по наредбата за депортација, ќе мора да платат како за ноќевање во луксузна соба во хотелот на Трамп во Њујорк. Целта повеќе е да се заплашат мигрантите и да се забрза депортацијата отколку да им се соберат пари или да им се заплени имот.

Трамп користел погрешна формула за да ги напумпа царините

Трамп ги најави царините за секоја земја како „реципрочни“ и милозливо преполовени: Тие нас 65, ние нив 33%. Па беше објаснето дека процентите немале врска со реални царини за САД, туку биле баждарени со равенка врз основа на трговскиот дефицит со секоја земја. Сега се покажува дека и таа формула случајно или намерно била погрешна за да се добие четири пати повисок резултат.

ЕУ ќе ја удри Америка по јајцата

На тарифите од 20% што Доналд Трамп им ги воведе на членките на Европската Унија, поранешните трговски сојузници ќе возвратат со повисоки контрацарини, но и со внимателно одмерен удар по најболната точка за Американците - по живинарските производи. Поради птичјиот грип Америка остана без јајца. Конечниот список производи за царинење ЕУ ќе го соопшти денеска.

Строго забранети љубов и секс за американските службеници во Кина

Љубовта е посилна од сè, освен можеби од патриотизмот. На сите американски службеници во Кина им се забранети интимни врски со локални жители за да се спречи протекување доверливи информации шепнати по романтична вечера или секс. Причина е се поагресивното поставување „медени стапици“ - заводници што настојуваат да продрат подлабоко во американските тајни.

Двојка за Трамп од тешкашите од Вол стрит

Големите инвеститори од Вол стрит, дури и оние што го поддржуваа Трамп, ја губат довербата во економската политика на претседателот. Пресвртот е воведувањето на тарифи за целиот свет, одлука што збриша илјадници милијарди долари од вредноста на акциите на берзите од Њујорк до Токио. Повеќето од половината „тешкаши“ од Вол стрит го оценија Трамп со „недоволен 1“.

Дали се остваруваат стравувањата на глобалните заговори за глад?

Кога станува збор за глобалниот глад, теоретичарите на заговори, нивните долгогодишни непријатели ЦИА и Пентагон се согласуваат во едно: во предупредувањата колку брзо граѓанското општество може да се распадне кога на портата ќе затропа гладот. Вистината е дека луѓето не гладуваат затоа што нема доволно храна, туку бидејќи не можат да си ја дозволат. 

Ново чудо од микрочип ќе го брани Тајван од инвазија

Тајванскиот ТСМЦ го претстави својот нов микрочип од 2 нанометри, кој е најнапреден, најмал, најбрз и најштедлив во светот. Ќе биде основа за нова генерација телефони, апарати, возила, машини и центри за вештачка интелигенција. Но, чипот нема да се произведува во фабриките што ТСМЦ ги отвора во САД. Тајван љубоморно го чува како силициумски штит од кинеска инвазија.

Имало зошто пингвините и фоките не ги избегнаа царините на Трамп

Воведувањето тарифи за ненаселените пацифички острови на кои има само пингвини не било пропуст, туку претпазлив потег на администрацијата на Трамп. Избегната е вообичаената стратегија да се искористат законските дупки и таму фиктивно да се префрли производство преку утовар и истовар на бродски товар. Тоа веќе на големо се прави во трговијата со туна, за да ѝ се брише потеклото.

„Лекот“ на Трамп ги голта берзите

Доналд Трамп упорно тврди дека паничната продажба и падот на берзите од Њујорк до Токио се „горчливото апче“ што економијата мора да го проголта за да се стабилизира во систем што би бил поправичен за САД. На Американците им порача „Држете се!“. Инвеститорите не се убедени дека оваа шок-терапија ќе донесе благосостојба. Прогнозираат рецесија, повисока инфлација и невработеност.