
Во споредба со претходниот најнапреден чип, ТСМЦ тврди дека технологијата на микрочипови од 2 нанометри нуди зголемување од 10 до 15% на брзината на пресметување при исто ниво на моќност или заштеда на енергија од 20 до 30% при иста брзина на пресметување.
Густината на транзисторите е зголемена за 15% во споредба со технологијата 3nm, што им овозможува на уредите да зафаќаат помалку простор, а да управуваат посложени задачи.
ТСМЦ неодамна склучи договор од 100 милијарди долари за изградба на пет нови фабрики во САД, но малку е веројатно дека новите чипови ќе се произведуваат надвор од Тајван поради безбедносни причини.
Индустријата за микрочипови е „силициумскиот штит“ на Тајван. САД се принудени да го бранат островот од кинеска воена интервенција за да не биде прекинат изворот на чипови за американските производители на електронски уреди и машини - од електрични четки за заби до автономните возила и фабрички роботи.
Напредните микрочипови на ТСМЦ од 3nm се користат во уредите на Епл, во графичките процесори на Nvidia, во процесорите на АМД што се вградуваат во суперкомпјутери. Во Тајван се произведуваат и процесорите на Qualcomm за телефоните на Самсунг и Шјаоми.
Во ера на подем на вештачката интелигенција, помалите чипови од 2 nm отвораат потенцијал за подобрување на низа апликации, како гласовните асистенти и инстантно преведување. Ќе биде намалена потрошувачката во Центрите за податоци, кои денес цицаат 5% од вкупната електрична енергија.
Новата генерација микрочипови ќе биде значително поскапа. За производство на чипови од 2 nm потребни се најсовремени техники како екстремната ултравиолетова (EUV) литографија, како и создавање нови материјали на силициумска база за да се спречи прегревање.
******