
Мигрантите што добиле наредба за депортација и не ги напуштиле САД ќе бидат казнети со по 998 долари за секој ден што нелегално го поминале во земјата. Ако немаат пари, ќе им биде одземен имот. Мерката ќе важи и ретроактивно, во период од пет години.
Со вакви казни се соочени околу 1,4 милион лица што добиле наредба за депортација. Некои што се долго во САД може да добијат казна од милион долари.
Основа на оваа мерка е закон од 1996 година, кој првпат бил спроведен за време на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп.
Портпаролката на Министерството за домашна безбедност, Триша Меклафлин, изјави дека илегалните имигранти во САД треба да користат мобилна апликација CBP Home за да се регистрираат за депортација.
За време на првиот мандат, Трамп врз основа на овој закон им наметна казни од стотици илјади долари на деветмина мигранти што побарале засолниште во цркви. Администрацијата тогаш им ги поништи казните на петмина, а на четворица им ги ублажи на 60.000 долари.
Претседателот Бајден ги укина казните. Шефот за мигрантска политика во неговиот мандат Скот Шухарт изјави дека мигрантите може да ги оспорат казните на суд.
Нивната поента не е да го спроведат темелно законот, туку да ги заплашат мигрантските заедници, изјави Шухарт.