Тарифите го осиромашија Трамп за половина милијарда

Трамп се погоди и себе со царинскиот рафал за целиот свет. Форбс проценува дека за една недела неговото богатство се намалило за половина милијарда долари. Луѓето се потпираат на каприци, а не на логика, кога купуваат луксузни недвижности и скапи членства во клубови. Колку е поголема неизвесноста од потезите на Трамп за глобалната економија, толку повеќе ќе му се намали личното богатство.

Кога на 2 април го најави Денот на ослободувањето и ги покажа табелите со царини за секоја земја, богатството на Доналд Трамп беше проценето на 4,7 милијарди долари. Тарифите предизвикаа општ хаос на берзите и загуба од 6.000 милијарди долари од вредноста на акциите. Како и повеќето милијардери и инвеститори, и Трамп изгуби 11% од своето богатство, кое Форбс во вторникот го процени на 4,2 милијарди долари.

Најголемата загуба на Трамп претрпел неговиот највреден имот, Trump Media and Technology Group, кој за само три дена изгубил 8% од вредноста. Трамп лично изгубил 170 милиони долари.

Комерцијалните недвижности на Трамп паднаа за околу 90 милиони долари, под претпоставка на Форбс дека паднале со просечната стапка на јавно тргуваните компании за комерцијален имот. Акциите на Vornado Realty Trust - фирмата што соработува со Трамп во две од неговите највредни згради, паднаа за 14%, а на њујоршката компанија за недвижности SL Green, за 15%.

Тарифите ќе го погодат и бизнисот на Трамп со терените за голф. Се очекува да се намали членството, посетата и организирањето коктели и свечености. Ќе се намали и продажбата на брендираната опрема, топчињата и кошулите, кои се увезуваат. Акциите на Topgolf, кој произведува палки и одржува терени за голф, паднаа за 15%. Само на зелените терени Трамп веќе губи по 10 милиони долари на ден.

Нешто подобра е ситуацијата со хотелите, но не и на бизнисите со станбените недвижности, чија вредност се намали просечно за 13%.

Претседателот останува фокусиран на земјата, а не на својот личен бизнис. Имотот на претседателот е управуван од неговите деца додека тој работи прекувремено за да ја води земјата кон економски просперитет, изјави портпаролката на Белата куќа Тејлор Роџерс.

Во финансискиот извештај на Трамп пишува дека тој поседува диверзифицирани обврзници и акции, вклучително и удел од 5 до 25 милиони долари во приватната кредитна фирма Blue Owl Capital, чија вредност се намали за 22%.

9 април 2025 - 08:48