Грција долго време опстанува на ставот дека Македонците, мислејќи на граѓаните на Република Македонија, не се „вистинска нација“ и дека нивниот јазик не е „вистински“ јазик.
Обете тврдења се фалш.
Тешко е да се утврди кога точно луѓето почнале да се само-идентификуваат како Македонци во етничка смисла, но докази за тоа има барем од крајот на 19-от век. Податоците од островот Елис покажуваат дека во 1897 година имало имигранти во САД кои етнички се изјаснувале како Македонци. Околу девет илјади лица во периодот од 1897 до 1924 стапнале на американско тло декларирани како Македонци во етничка смисла.
Природно, постоеле варијации и често контрадикторни цели и лојалности во рамките на македонското национално движење. Некои биле лојални кон Бугарија, други барале независност на регионот, постоеле такви кои говореле словенски јазик но се поистоветувале со грчките интереси (таквите се претерано митологизирани во грчката историографија), постоел и своевиден „балкански федерализам“ кој барал Македонија да им припаѓа на сите Македонци, без разлика на верата и етничката припадност. Во духот на младотурската револуција и ветувањата за ослободување на териториите под Отоманска управа, се појавува движењето за републиканска, мулти-етничка Македонија а дел од протагонистите се водени од социјалистички или анархистички идеи.
Македонскиот национализам можеби е најмлад на Балканот, но тој постои. Да се каже дека тоа е „конструкт“ е спорна поента бидејќи во крајна линија, секој национален наратив е „конструкт“. Истото важи за статусот на јазикот. Постои прочуена изрека која тоа убаво го сумира: „Јазикот е дијалект со војска и морнарица“. „Одлуката“ дали нешто е дијалект или јазик, никогаш не е чисто историско или лингвистичко прашање туку првенствено политичко. Затоа многу е искривена онаа теза - која и денес ја делат многумина во Бугарија, Србија и Грција - дека македонската национална свест била „измислена“ од Тито. Југословенската политика само значеше признавање на едно национално чувство кое постоеше најмалку 5 децении претходно. А целиот тој процес, од крајот на 19-от век, до распаѓањето на Југославија, резултираше со нешто што е несомнено - македонска нација.
Македонскиот национален патриотизам не е фикција, барем не повеќе од кој било друг. Едно е да се биде против сите национализми, во смисла на несогласување со националистичката омраза и конфронтирањето, но сосема друго е да на луѓе да им ја девалвираш перцепцијата за себе и да им тврдиш дека тоа е резултат на историска измама.
Фашизмот и иредентизмот...
Зошто грчката држава, како и многу Грци, ги третираат своите северни соседи како отпадници од историјата? Една од причините е начинот на кој е зачнат грчкиот национализам - како голем и директен лак до античката слава. Во таков наратив, Македонија може да се однесува само на античка Македонија, која била „ослободена“ во војните од 20-от век. „Антиквизацијата“ која ја буткаше ВМРО ДПМНЕ и владата на Груевски не помогна. Делумно изнедрена како одговор на грчката непопустливост, таа програма се организираше околу идејата дека денешните етнички Македонци се наследници на античките кои не биле Грци. Таквата „антиквизација“ наиде на силен внатрешен отпор кој под статуата на Александар Македонски имаше напишано „Ова е фашизам“.
Друга - многу пофалсификувана - причина е „иредентизмот“ на БЈРМ. Наводно, земјата која независност прогласи во 1991 година ги задржала историските барања на македонското национално движење за ослободување на целиот регион, а дел од тој регион денес е во Грција. Се разбира, земја која е само 20% од популацијата на Грција и практично нема никаква воена сила, не може разумно да се смета за безбедносна закана. Дополнителна иронија е тоа што Грците никогаш не признаваат дека постои македонско национално движење и тие луѓе ги сметаат за Бугари, Срби ли општо Словени, сè додека за нив не проговорат како закана за својот суверенитет. Одеднаш тие непостоечки стануваат главна закана и ударна тупаница на анти-грчките завери во кои се вклучени и Западот и Турција.
... оние што не се вклопуваат
Најмрачната причина за омаловажување на БЈРМ како историска шега е избегнување на прашањето: што ќе станат оние кои не се вклопуваат во дефинираните категории на испреговараната историја? Што ќе се случи со македонското етничко малцинство во Грција? Оние кои зборуваат македонски и нивните наследници кои се лишени од сите права во нивната земја, откако како политички бегалци избегаа во Југославија во доцните 40-ти години?
Грција останува на тоа дека македонско етничко малцинство не постои на нејзината територија. Тоа беше главната стратегија против македонскиот „иредентизам“ како би се спречиле евентуални територијални барања. Во реалноста, Грција ја маскираше својата политика на присилна хеленизација: македонските заедници во Грција беа уништувани, од 20-тите години на минатиот век па до денес. Со децении живеат под полициска присмотра а јазикот им се забранува. Дури и песните им се забранувани па со години ги изведуваат во инструментални верзии, без текстови. Статистичките податоци за нив се стопирани (бидејќи државата го смета малцинството за непостоечко) па нема доволно податоци за нивната големина и еволуција.
На оние кои избегаа по грчката граѓанска војна им се негира правото на државјанство и имот. Тие и нивните наследници се исклучени од сите можи закони кои ги регулираат правата на политичките бегалци.
Сите овие прашања не се само во доменот на историското признавање туку се важни и денес бидејќи во северна Грција и денес постои македонско малцинство а и денес постојат потомци на политички бегалци кои немаат право да се вратат и да побараат некој семеен имот. И на двете групи, не само што не им се признаваат историските неправди, туку се лишуваат од основните права и слободи.
Радувајте се!
Оттука, причина за радување е што неодамнешниот договор конечни ја признава македонската националност и македонскиот јазик. Грчката влада, за да ги ублажи националистичките реакции, потенцира дека националноста не е исто со етницитетот и дека договорот не признава „етнички Македонци“ туку „Македонски граѓани“. Често игра и на картата дека во договорот, македонскиот јазик е дефиниран со своите словенски корени, за да ги скроти оние кои мислат дека македонскиот може да се користи само за оној јазик кој го користел Александар Велики. Обете поенти, иако технички коректни, не можат да го сменат фактот дека никакво признавањето на националност или јазик не е можно ако барем имплицитно не се откажеш од цврстото негирање на нечие постоење.
Па сепак, договорот е далеку од фер, иако „сложено име“ се разгледува како основа за евентуално решение уште од почетокот на спорот. Напротив, согласноста да се смени името на нивната земја во Република Северна Македонија е цената која Македонците ја плаќаат за да им биде дозволено да се викаат онака како што се викаат речиси век ипол, без да им биде давена нивната економија и да бидат блокирани во членство во меѓународни организации. Не треба да се стегаме отворено да кажеме: во овој спор, Грција беше агресорот.
Поинаку кажано, единствените Македонци на кои не им беше потребно сложено име беа граѓаните на Република (Северна) Македонија. Причините би требало да е очигледна: тие се единствените Македонци на кои „македонското“ им е примарно обележје на етничкиот идентитет. Секој друг Македонец наоколу е прво нешто друго - грчки, бугарски, српски итн. Да ги прашаш тие луѓе, некаде во странство, од каде доаѓаат, нема да ти кажат од Македонија, туку од Грција, Србија, Бугарија. Де факто, сите Македонци во соседните земји веќе имаат сложени имиња
Геополитичката целесообразност ги принуди овие луѓе да тргуваат со единственото име кое историјата им го оставила. Треба да го имаме тоа на ум, пред уште еднаш да ги омаловажиме, овојпат како обични инструменти на политиките на НАТО.