Нвидиа ќе му плаќа екстра арач на Трамп за да извезува чипови во Кина

Доналд Трамп се пазари и со националната безбедност на САД, само за да ги молзе техонолошките гиганти. Прво забрани извоз на напредни чипови на Кина, а сега на избрани компании им дозволува да ја кршат забраната и тоа дебело ќе го наплати. Пекинг ја разгледува можноста да забрани увоз на американски чипови, ако оцени дека оние на Нвидиа и АМД имаат „шпионски“ задни порти.

Нвидиa и АМД ќе ѝ плаќаат на американската влада 15% од своите приходи од продажбата на своите акцелератори за вештачка интелигенција H20 и MI308 на Кина, за да добијат специјална лиценца за извоз.

Со овој потег се изигруваат сите други американски компании, на кои им е забрането да извезуваат технологија на напредни чипови во конкурентската земја, но и кинеските, кои развиваат сопствени чипови. Кинеските алтернативи чипови на Хуавеи и Асенд задоволуваат 20% до 30% од домашната побарувачка.

Оваа навидум услуга за услуга е без преседан од перспектива на контрола на извозот. Договорот ризикува да ја поништи националната безбедносна основа за контрола на извозот на САД. Како сојузниците ќе им веруваат на креаторите на политиките на САД ако тие се пазарат со загриженоста за националната безбедност, забележува Џејкоб Фелдгоз од Центарот за безбедност и нови технологии со седиште во Вашингтон.

Нвидиа го искористи своето влијание како најбогата компанија во светот, првата со капитал проценет над 4.000 милијарди долари. Нејзиниот директор Џенсен Хуанг напорно лобираше за укинување на ограничувањата за извоз на напредни чипови на Кина, убедувајќи ја администрацијата на Трамп дека одлуката ќе го забави ширењето на американската технологија и ќе ги охрабри кинеските конкуренти како Хуавеи да го забрзаат развојот на сопствени чипови. Два дена откако Хуанг се сретна со Трамп, Министерството за трговија на САД ѝ ги дало на Нвидиа првите ексклузивни лиценци за извоз.

Во првиот фискален квартал од годинава Нвидиа остварила приход од 4,6 милијарди долари. Компанијата додаде дека забраната за извоз на чипови H20 во Кина ѝ скусила приход од уште 2,5 милијарди долари. Тоа би значело дека при враќање на нормалното ниво на извоз, САД ќе добијат повеќе од 1 милијарда долари. Нешто помалку може да очекуваат од продажбата на чиповите на AMD, ако се исполнат очекувањата дека оваа компанија ќе оствари приходи до 5 милијарди долари. 

На потег се кинеските власти, кои тврдат дека американските чипови содржат „задни порти“ со кои може да се контролира нивната употреба – сличен аргумент со кој САД пред неколку години забранија увоз на „шпионски чипови“ од Хуавеи. 

Обвинувањата може да се тактика на Пекинг во трговските преговори со САД, за да покаже дека Кина не е толку запалена по американски чипови, вели Вејсерн Линг, банкарски аналитичар од Сингапур. 

11 август 2025 - 10:51