
Откако ги почнаа безмилосните напади врз Газа, израелските сили убиле повеќе од 200 репортери и членови на нивните екипи. Дваесет и осумгодишниот Ал Шариф известуваше со месеци од северните региони на Газа.
Во својот последен извештај тој јави за жестоко и концентрирано бомбардирање во источните и јужните делови од градот Газа, како подготовка за воената окупација што ја најави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
قصف لا يتوقف…
— أنس الشريف Anas Al-Sharif (@AnasAlSharif0) August 10, 2025
منذ ساعتين والعدوان الإسرائيلي يشتد على مدينة غزة. pic.twitter.com/yW8PesTkFT
Ја живеев болката и ја чувствував тагата. И покрај тоа, никогаш не се колебав да ја пренесам вистината, без искривување или погрешни толкувања, надевајќи се дека Господ ќе сведочи за оние што останаа тивки, оние што ги прифатија убиствата и оние што го задушија нашиот здив. Дури ни разнесените тела на нашите деца и жени не ги потресоа нивните срца и не ги запреа масакрите на кои е изложен нашиот година и пол, напишал Ал Шариф во прошталната порака на 6 април, која побарал да биде објавена во случај да загине.
Ал Џезира објави дека ова е уште еден дрзок и планиран напад врз слободата на новинарството.
Ова се катастрофалните последици на израелскиот напад врз Газа, колежот на цивилите, принудувањето на глад и збришувањето на цели заедници, објави катарската телевизија.
Ал Џезира ја повика меѓународната заедница и сите релевантни организации да преземат решителни мерки за да го запрат геноцидот и намерното ликвидирање новинари.
Имунитетот што го уживаат извршителите, од кои никој не бара одговорност, ги охрабрува израелските акции и задушувањето на сведоците на вистината, објави телевизијата.
Ал Џезира и меѓународни аналитичари тврдат дека нема ни трошка докази за израелското тврдење дека Ал Шариф бил вклучен во какви било непријателски активности.
Неговата дневна рутина беше да известува пред камерата од утро до вечер, изјави Мухамед Шехада од групата за човекови права Еуро-Мед.
Израелскиот претставник Авичај Адраи во јули на социјалните мрежи го обвини Ал Шариф дека бил член на военото крило на Хамас. Комитетот за заштита на новинари тогаш изрази загриженост за безбедноста на Ал Шариф.
Наспроти критиките од повеќето светски лидери, од меѓународната јавност, протестите на илјадници Израелци во Тел Авив, дури и противењето на военото раководство, премиерот Бенјамин Нетанјаху објави дека многу брзо ќе почне операцијата на израелските сили за преземање на контролата и окупација на градот Газа.