Покојникот нема кој да го погледне

Ме слуша жената од таа страна и ми вели: госпоѓо, не доаѓаме за починати. Јас ѝ велам дека не знам дали е починат човекот и дека треба лекар да констатира смрт. И знаете што?! Добивам инструкции да одам јас да проверам дали има пулс или со огледалце дали дише!!!

Рано наутро ми ѕвони на врата комшивката, цела вознемирена. Ми вели: изгледа брат ми е починат! Таа изгубена, јас во ноќница со едвај отворени очи, прва работа ми беше да повикам брза помош. (Некаде во заднината во умот ми се појави сцената кога последен пат барав Брза помош пред да почине мајка ми. Му кажувам дека жената губи здив, тој ми вели колку е стара и да му ја дадам на телефон да ја чуе! Тогаш побудалев! Прати возило токму кога падна во кома).

Сега ѕвонам спремна на некое друго чудо - и навистина!! Ме слуша жената од таа страна и ми вели: госпоѓо, не доаѓаме за починати. Јас ѝ велам дека не знам дали е починат човекот и дека треба лекар да констатира смрт. И знаете што?! Добивам инструкции да одам јас да проверам дали има пулс или со огледалце дали дише!!!! Јас во шок! Отрча другиот комшија да ја види ситуацијата и навистина настапила смрт.

Сега се јавувам и прашувам каде да се јавам за ваков случај. Ми велат: повикајте Домашна посета.

Ама после 7:30.

Се јавувам кај нив во 7:30 и ми велат дојдете во 9:00 со лични документи, ќе ви издадеме уверение на лице место, ама носете 500 денари во кеш (немале терминал за картички). Одиме таму и навистина добиваме уверение.

Починатиот никој не го виде освен нас и лицата од погребалното.

Уште не ми се верува! Размислувам колку е овде едноставно да прикриеш и (не дај боже) убиство!

Старите и болните не се третираат како луѓе, туку како чист терет.

Уште ако е човек сам …

Билјана Ванковска

10 август 2025 - 10:25