Вака е кај нас.
А, еве како е во Кина.
Таму клуч на вратата би ставила секоја научно-образовна установа што би помислила во 21 век да привлекува бруцоши со флаери изработени без осет, со позерска фотографија симната од интернет, веројатно од вториот ред од пребарувањето: „насмеани студенти со тетратки“. Не, секоја покана за студирање во Кина денес е мало технолошко ремек-дело, круна на иновативната моќ.
Писмото за прием од кинескиот Земјоделски универзитет Џилин е отпечатено на „хартија“ направена од габи. „Направено од печурки. Нискојаглеродно, еколошки и природно здраво“, пишува на картичката. Кој не верувал, проверил. Студенти на социјалните мрежи објавија снимки како се гостат со поканата откако ја фрлиле во тавче на оган.
Оваа навидум бизарна вест е поткрепена со најсовремена технолошка иновација. Хартијата од габи е дело на истражувачкиот тим на академикот Ли Ју. Изработена е од мицелиумски влакна со кои габите се крепат за почвата. Мицелиумот има погодна еластичност и цврстина за да се употреба како индустриски материјал. И картичките не се направени само од каприц, за да може да бидат изедени. Тоа е само забавен бонус.
Вистинската вредност на хартијата од габи е еколошката прифатливост во споредба со традиционалното производство на хартија, за која се трошат стотици милиони кубни метри дрва, односно огромни површини со шуми. Се елиминира и штетата од хемикалиите што се користат за лепење и белење на дрвната пулпа. Габите нудат предност зашто може да се одгледуваат во рок од неколку недели, во вертикални плантажи, решетки или резервоари, давајќи поголем принос по единица површина. Има помалку отпад, а и тој е органски и природно се распаѓа.
Пекиншкиот универзитет за хемиска технологија, се претстави пред студентите со неуништлива покана. Писмото за прием е направено од ултратенок материјал од јаглеродни влакна (со дебелина од 0,2 милиметри) и специјална смола. Овој материјал е флексибилен, отпорен е на топлина, киселини и бази и е исклучително цврст. Може да се користи во авионската и во многу други индустрии. Поканите се отпечатени со специјална техника со ултравиолетови зраци. Студентите веднаш ги провериле карактеристиките и навистина – со картичката можеле да сечат лубеници и зеленчук како со хируршки нож. Не им можеле ништо ни врела вода, а не гореле ни кога биле над пламен.
Пекиншкиот универзитет за наука и технологија своите приемни писма и украси со амблем од „зелен челик“. Тоа било произведено на одделението за челик во уникатната електрична лачна печка, која испушта водена пареа, а не густи јаглеродни гасови како печките на кокс.
Ланските покани на овој универзитет беа направени од челик од петтата генерација, од листови со дебелина од 0,07 милиметри. Способноста да ги задржи квалитетите во ултратенка форма го прави овој челик идеален за комуникациска употреба, во автомобилите и во разни апарати и машини.
Писмото за прием на Харбинскиот институт за технологија содржи мала хај-тек значка. Направена е од ултралесен воздухопловен термички заштитен материјал на HIT, способен да издржи температури над 3.000°C. Овој материјал ги штити вселенските летала за време на екстремните услови на брзо враќање во атмосферата и е 30% полесен од претходните материјали. Веќе е користен во лунарни мисии со екипаж и планетарни сонди.
Универзитетот Кинески Океан во писмата за прием вгради приврзок со морска вода од Антарктикот, собрана од истражувачка поларна експедиција.
Приемните писма на Кинескиот земјоделски универзитет доаѓаат со семе од пченица, пченка и ориз развиени од нивните сопствени истражувачки тимови. Ова се врвни нови сорти - како пченката „Нонгда 778“, која покажува силна отпорност на болести. Исто така, има високо развиен коренов систем што ја подобрува апсорпцијата на хранливи материи и помага да се спречи залегнувањето за време на бури. Овие семиња веќе се широко промовирани за да им помогнат на земјоделците да ги зголемат своите приноси.