Имало зошто пингвините и фоките не ги избегнаа царините на Трамп

Воведувањето тарифи за ненаселените пацифички острови на кои има само пингвини не било пропуст, туку претпазлив потег на администрацијата на Трамп. Избегната е вообичаената стратегија да се искористат законските дупки и таму фиктивно да се префрли производство преку утовар и истовар на бродски товар. Тоа веќе на големо се прави во трговијата со туна, за да ѝ се брише потеклото.

Американскиот министер за трговија Хауард Лутник ја брани одлуката на Трамп да им воведе царини на ненаселените острови Херд и Мекдоналд, како внимателен чекор да се затворат сите можни дупки за заобиколување на тарифниот режим.

Светските медиуми се подбиваа со тарифите за „островите со пингвини и фоки“, а австралискиот министер за трговија Дон Фарел ја оцени како „јасна грешка што сведочи колку бил избрзан процесот на одмерување на тарифи“.

Ако изоставите нешто од списокот, земјите може да се решат таму да префрлат фабрики, а потоа да ги извезуваат производите во САД без царини. Претседателот го знае тоа, уморен е од такви практики и ќе го поправи тоа, изјави Лутник за ББЦ.

Процесот на трансфер на производи од едно до друго пристаниште е вообичаен во глобалната трговија. Организацијата Pew Charitable Trusts објаснува дека оваа стратегија овозможува прикривање и манипулирање на потеклото производите. Преку овој метод секоја година нелегално се се префрла пацифичка туна во вредност од стотици милиони долари.

Иако не се населени, Херд и Мекдоналд во 2022 година извезувале „машински и електрични“ производи во САД во вредност од 1,4 милион долари, според Светската банка.

На списокот на Трамп е и Територијата Британски Индиски Океан. Иако таму има само мала воена база и не е дозволен пристап без специјална дозвола, од оваа територија во 2022 година биле извезени производи во САД во вредност од 414.350 долари. 

За Херд и Мекдоналд и за Територијата Британски Индиски Океан денес се на сила царини од 10%.

7 април 2025 - 10:08