
Забраната за интимни контакти била одлука на амбасадорот Николас Барнс, непосредно пред да ја напушти Амбасадата во Пекинг, но не е официјално потврдена.
Досега од американските дипломати се барало да им го пријават на претпоставените секој интимен контакт со кинески државјани. Лани биле забранети романтични и сексуални односи со локални жители ангажирани за обезбедување и домаќински работи во Амбасадата на САД и петте конзулати.
Барнс во јануари ја проширил забраната за сите владини службеници, за членовите на нивните семејства и за сите други лица што имаат пристап до безбедносни податоци, тврдат извори на Асошиетед прес.
Лицата што веќе биле во врска со кинески државјани биле обврзани да поднесат барање за одобрување, но ќе мораат да ја раскинат врската ако тоа им биде одбиено. Казната за оние што ќе бидат фатени во романтична или сексуална врска со Кинези е итна прекоманда во САД.
Не е познато дали строгото правило им е наметнато на американски службеници во други земји.
Стара тактика на разузнавачките служби е да ангажираат атрактивни агенти да заведат странски дипломати за да добијат пристап до доверливи информации. На ова особено се внимавало во времето на Студената војна. Документи од 1987 година покажуваат дека на сите американски службеници во Кина и во земјите од советскиот блок им биле строго забранети пријателства, љубовни и сексуални односи со локални жители. Рестрикциите биле олеснети по колапсот на СССР.
Американски дипломати и разузнавачи тврдат дека Кина агресивно поставува „медени замки“. Поранешниот аналитичар од ЦИА Питер Матис вели дека имало два откриени заведувања на американски дипломати во Кина, но и дека „со години не слушнал за нов случај“.
И Кина има слични ограничувања. Забранува напредок во хиерархијата на службеници што се во врска со странски државјани и почесто ги прекомандува дипломатите од една во друга земја.