ЕУ ќе ја удри Америка по јајцата

На тарифите од 20% што Доналд Трамп им ги воведе на членките на Европската Унија, поранешните трговски сојузници ќе возвратат со повисоки контрацарини, но и со внимателно одмерен удар по најболната точка за Американците - по живинарските производи. Поради птичјиот грип Америка остана без јајца. Конечниот список производи за царинење ЕУ ќе го соопшти денеска.

Европската Унија планира со тарифи од 25% и други регулаторни мерки да возврати во трговската војна што ѝ ја објави американскиот претседател Доналд Трамп.

Брисел издвои специфични американски производи што ќе ги царини. На списокот се дијаманти, забен конец, колбаси и живина, но и јајцата, кои во Америка станаа луксуз.

Епидемијата на птичји грип силно ги погоди живинарските фарми, кои беа принудени на масовно уништување несилки. На пазарот нема доволно јајца, нивната цена достигна рекордно ниво, поради што американските власти ги замолија Германија, Данска, Италија, Полска и Шведска за интервентен увоз на јајца.

Од списокот е отстранет американскиот бурбон, за кој ЕУ најави царина од 50%, што го предизвика Трамп да се закани со тарифа од 200% за сите алкохолни пијалоци од Европа.

Предвидени се и други регулаторни мерки, со кои ќе се намали увозот на челик за 15%, а се разгледува и план за увозни квоти за алуминиум.

Еврокомесарот за трговија Марош Шефчович изјави дека европскиот контраудар ќе биде нешто послаб од веќе најавениот и дека ќе опфати увезени стоки во вредност под 26 милијарди евра.

Членките на ЕУ ќе гласаат за планот утре, кога треба да стапат на сила и тарифите од 20% од Трамп за европските земји.

Царините за некои производи ќе стапат на сила на 16 мај, а други дури при крајот на годината, на 1 декември.

 

8 април 2025 - 13:38