
Паузата од 90 дена за американските царини за светот (освен за Кина) предизвика експлозивен раст на светските берзи, откако во изминатите неколку дена изгубија илјадници милијарди долари.
Индексот S&P 500 скокна за 9,5%, што е трет најдобар резултат за еден ден по 1940 година. Последен пат Вол Стрит го има видено ова пред 17 години.
Бранот од Њујорк се одрази и на азиските берзи. Јапонскиот индекс забележа раст за 8,3%. Се кренаа и акциите на кинеските компании, иако Трамп ја зголеми тарифата за увоз на кинески производи на 125%.
Во неколкуте часа откако тарифите стапија на сила до одлуката за пауза од 90 дена, Трамп упорно им порачуваше на Американците да не се тревожат и дека „сега е идеалниот момент за купување“.
Берзите продолжија да тонат. Инвеститорите беа убедени дека претседателот блефира и дека нема да отстапи од тврдоглавата политика на воведување царини.
Од неговата порака „купувајте!“ до објавата на паузата од 90 дена поминаа три и пол часа. Во часовите што следеа, вредноста на акциите на берзите скокнаа за 4.300 милијарди долари. Загубите од претходните денови можеби нема да бидат надоместени, но прозорецот беше идеален за шпекулативни тргувања.
Дали ги прекршил правилата? Не знам дали Трамп воопшто следи правила. Очигледно е дека сега сите внимателно ќе ги следат и ќе ги анализираат сите сигнали од Трамп, вели инвеститорот од Вол стрит Дејвид Вагнер.