„Фолк е народ,
турбо е систем за убризгување гориво под притисок
во цилиндарот на моторот со внатрешно согорување.
Турбо фолк е горење на народот.“
Вака пееше Рамбо во деведесетите во песната насловена како „Турбо фолк“, не претпоставувајќи дека пар декади подоцна оваа кованица на која ѝ кумуваше, ќе стане автопародија за животот на балканските простори
Човекот кој во изводот на родените пред 54 години е заведен како Антоније Пушиќ, а кој подоцна ќе се прероди под псевдонимите Нагиб Фазлиќ Нагон, Рамбо Амадеус Светски Мега Цар (РАСМЦ) и слично, е еден од најкомплексните фигури на поранешните југословенски простори. Зошто?
Затоа што со секое појавување на јавна сцена покажува дека е прилично интелигентен уметник со продлабочен увид во состојбите што го опкружуваат.
Затоа што бил повеќекратен шампион во едриличарство во поранешната наша заедничка татковина.
Затоа што е екологист и хуманитарец со душа и срце.
Затоа што според мислењето на музичките критичари е врвен џез гитарист и родоначалник на хип-хоп правецот на овие простори.
Затоа што е амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, веќе со години.
Затоа што е писател и поет чии сатирични текстови ги исмејуваат апсурдите на локалната политика и на човечката природа.
Затоа што има диплома од Природно-математичкиот факултет во Белград, а во времето на најголемата цензура напиша прилично кретенска песна со наслов „Кур, пичка, гомно цицка“.
Затоа што исмевајќи го европското општество на „Евросонг“ ја пееше „Еуро-Неуро“ качен на магаре! Ете, затоа.
Вашите концерти никогаш не се обична репетиција на снимениот материјал. Колку е во прашање моментална инспирација и расположение, а колку добро осмислена претстава?
Па, има по малку и од едното и од другото. Има доста импровизација, а некои песни се направени како да е во прашање чиста импровизација. „Холестерол и рокенрол“ на пример, делува како потполно безредие, но во суштина музиката колку и да е импровизирана, го следи текстот кој е стриктен, фиксиран и не се менува. Главно, текстовите на песните не се менуваат, но си играме со музиката колку што можеме. Таман да не ја расипеме песната.
На почетокот од Вашата кариера имавте панк-бенд. Не продолживте во тој правец...
Се во своето време. Со 16 години некако е нормално да бидеш панкер. Со 50, баш и не личи.
Во кој жанр ја сврстувате Вашата музика?
Etno Impro Stand up Free Jazz Funk Poetry.
Никогаш не сте напишале песни за конкретни жени, за љубовта. Ве инспирира ли љубовта?
Љубовта ме инспирира да живеам, а општествените аномалии и желбата за прогрес да пишувам песни. Самата музика ме инспирира да - свирам!
Дали порано имаше цензура, ја има ли денес?
Беше некогаш, денес ја нема. Зборот денес ја изгуби својата тежина. Сите зборуваат на сите страни, а никој ништо не кажува. Дојде до девалвација на зборовите. Тие станаа обично „млатарење“ со јазикот во устата, без никаква смисла. Се обидувам да се тргнам од таа „папазјанија“.
Поминаа многу години од Вашата дефиниција за турбо фолкот. Има ли простор денес таа да се надгради и прошири?
Не. Турбо фолкот е феномен кој настанува тогаш кога примитивецот ќе преовлада со технологијата. Некритичката употреба на технологијата е турбо фолк. Технологијата се менува, турбо фолкот останува. Не се работи тука само за музиката, таа е најмалку важна. Тоа е исто како на пример во Руанда да им продадеш на луѓето автоматско оружје и да се таманат со рафали, за да не мораат да се убиваат со стрели.
Без задршка ја користите човечката глупост во истражувачки цели. Имате ли многу работа?
Секако. Ако ве интересира да ја пронајдете глупоста , само одете по препотенцијата, исклучивоста, авторитарноста, и набргу ќе натрчате на брлог во кој се коти глупоста. Глупоста е универзална, сеопфатна и ги покрива сите сегменти на човечкото делување. И прилично е заразна.
Зошто сметате дека барањето нафта на црногорското приморје е материјализација на глупоста?
Нафтата во следните 50 години ќе стане непотребна и скапа. Ја заменуваат бесплатни и чисти енергенси, соларната енергија, ветерот, геотермалната енергија. Еко-туризмот, чистото море, чистите плажи, шуми, реки и езера, се стратешки добра кои ќе бидат се подрагоцени. Кратковидо е да се оди на еколошки ризик, за да се има профит само неколку години.
Живеете на релација Белград-Херцег-Нови. Што ќе речете за проектот „Белград на вода“?
Белград на вода има многу импозантно име. Тоа се некакви повеќекатници и не гледам ништо епохално во тоа да се направат неколку високи згради. Во Њујорк и во Чикаго тоа се правеше успешно уште пред 100 години. Не ми е јасно зошто сега се зборува толку за тоа и зошто е тоа толку многу важен проект. Белград пред сè, треба целиот да се приклучи на канализација и да се вградат колектори за пречистување на таа канализација. Но, тоа е многу скапо да се направи. Што е најважно, не може да се стави на разгледница.
На една трибина неодамна рековте дека „најпопуларната музика во некое општество, секогаш е огледало на политичката елита која го води“. Што би значело тоа во наши услови?
Тоа значи дека секоја власт ја води државата по свој вкус. А најпопуларната музика се емитува на медиумите што ги контролира државата. Јас би сакал наместо турбо фолкот да се слуша опера и џез, бидејќи после е лесно да се биде рокенрол алтернатива. Ама не е така. И Битлси беа државен проект, секако, ама Англичаните имаат малку поинаков музички вкус од нашиот.
Зошто сте левичар, а не десничар?
Затоа што не верувам во поделбата на луѓето по национални, верски, расни основи, дури ни по сексуалните афинитети. Луѓето можам да ги делам на добри, благородни, конструктивни, толерантни, од една страна. Сите останати се на другата.
Живееме ли во демократски општества? Што е за Вас демократија?
Не, не. Живееме во симулација на демократијата. Демократија покрај останатото е одговорност, владеење на законите и изборен систем во кој што е невозможно да дојде до деградација на општеството по диктат на некритичното мнозинство. Правото на глас треба да се заслужи со компетенција! Демократијата кај нас е диктатура на глупаците.
Има ли шанси да Ве видиме во политиката?
Нема, секако. Јас сум поет, трибун, логиката ми е единствен доверлив сојузник, а таа не ѝ припаѓа ниту на една партија посебно.
Можете ли да ни дадете краток опис на балканските медиуми? За што тие служат?
Телевизијата генерално како технолошки изум е застарена. Препуштена е на некритичната маса и се поретко на телевизија може да се види нешто што ги задоволува цивилизациските критериуми. Весниците се исто така надминати. Да се сече шума и да се произведува хартија, која не може да се употреби ни во тоалет после 24 часа, е исто така амортизирано како идеја... Ако ги апстрахираме овие два медиума во одумирање, можеме да кажеме дека има сосема задоволувачки број интернет портали, интернет радио станици, мејлинг листи и социјални мрежи, кои се интересни, корисни, поучни и забавни. Секако, и на интернет има купишта ѓубре, ама никој не те тера со сила да копаш по него.
Како го дефинирате општеството во кое денес живеете? Во какво опкружување би сакале да живеете?
Проблемите ни се исти. Младите се без работа, капиталот е во рацете на мал број луѓе, нема перспектива... Политичарите постојано лансираат некакви медиски бомби, квази конфликти меѓу државите, за да ги сокријат реалните проблеми. Јас имам свој микро свет што внимателно и со години го градам. Опкружен сум со дваесетина соработници, другари и моето движење е ограничено на одење во студио, на концерти, во едриличарските клубови и дружењето со моите деца.
Ритуално пијам кафе секогаш на истите места и во Белград и во Херцег Нови. Седам со мои мили, духовити, пријатели и соработници, гледајќи како моите синови стануваат пристојни и способни луѓе и не барам ништо преку тоа. Сосема ми е доволно.
Има ли типичниот „Балкан бој“ свои позитивни особини?
Има. Бистар е, инвентивен, во состојба е со импровизација да решава многу задачи, ама му недостасува верба во себе и малку обука за да стане способен, да си овозможи себе и на своите задоволен и среќен живот. Треба малку пократко да блее во телевизорот, вестите, ријалити програмите, сериите треба да ги забатали скроз. Светот се менува драстично и без брзо профилираното информирање и ажурирање на знаењето и способностите, овој нашиов Балкан бој неминовно ќе стане лесен плен на корпоративниот канибализам.
Го направивте ли соларниот едреник? Зошто Ви е заштитата на животната средина толку важна?
Работите се во тек, би требало да биде готов до први мај. Заштитата на средината ми е битна затоа што се грижам каква планета ќе им оставиме на сопствените деца, внуци и правнуци. Примитивно е да се мисли само на себе.
Амбасадор сте на УНИЦЕФ. Може ли светот некогаш да биде подобар?
Светот е подобар отколку што беше. Поздрав, побезбеден, поуреден. Само што ние тој напредок, - на урнатините на една убава земја која ја „сјебавме“ заради поводливост и наивност но и од локалното назадување, не можеме да го забележиме.
Што Ви се допаѓа во Скопје? Што пиете, што јадете кога сте овде?
Јадам пастрмка, јагнешко од Шар планина и пинџур. Ќе си купам пинџур и за дома. Ми се допаѓа пријателската и непосредна атмосфера со која Скопје дише. Сакам да шетам низ старата чаршија, и да го впивам духот на древните времиња.