
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Мексико со санкции и тарифи, обвинувајќи го дека го прекршил договорот за поделба на водените богатства.
Според договорот од 1944 година, Мексико мора од реката Рио Гранде на секои пет години да пропушти 2,16 милијарди кубни метри вода во САД преку мрежа на меѓусебно поврзани брани и акумулации.
Петгодишен циклус завршува во октомври, а Мексико досега испорачал едвај 30% од потребното количество вода, според Меѓународната комисија за граници и води.
Мексико му должи на Тексас 1,6 милијарди кубни метри вода но за жал ја прекршува обврската. Ние ќе ги засилиме последиците. Тарифи, можеби дури и санкции додека Мексико не го испочитува Договорот и не ја даде водата што му ја должи на Тексас, се закани вчера Трамп.
Секретарот за земјоделство Брук Ролинс вели дека со „крадењето“ вода Мексико ја збогатува сопствената индустрија на производство пекан, а ги осиромашува фармерите во Тексас.
Тие ги десеткуваат нашите фармери додека ја градат својата земјоделска индустрија. Но, не повеќе, изјави Ролинс.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум се правда дека нејзината земја била погодена од тригодишна суша и пропушта вода во САД колку што е достапна. Како можно решение таа предлага долгот во вода да биде префрлен во идниот петгодишен циклус.
Алтернативата е да се собере колку што е можно повеќе вода од петте северни провинции за да се испрати во САД. Тоа ги фрла мексиканските власти пред друг оган - гневот на земјоделците од северната провинција Чивава, кои во 2020 година ја блокираа браната Бокила. При интервенцијата на силите за безбедност загина еден демонстрант.
Договорот од пред 81 година ги обврзува и САД да испорачуваат по 1,8 милијарди кубни метри вода во Мексико преку реката Колорадо. Наспроти сушата, квотата е речиси исполнета.