
Европската комисија го претстави „Акциониот план за ВИ континент“, чија цел е да ги трансформира традиционалните европски индустрии и нивниот исклучителен фонд на таленти во моќни мотори за иновации и забрзување на вештачката интелигенција.
Се планира изградба на мрежа од фабрики и „гигафабрики“ опремени со најсовремени чипови, како и специјализирани лаборатории што ќе им го подобрат пристапот на стартапите до богати и квалитетни податоци за обука на нивните модели.
ЕУ ќе создаде и нов сервис за да им помогне на регионалните фирми да се усогласат со законските одредби.
Законот за вештачка интелигенција ќе ја подигне довербата на граѓаните во технологијата и ќе им ја обезбеди на инвеститорите и на претприемачите правната сигурност за да ги зголемат и да ги распоредат центрите низ цела Европа. Сервисот ќе биде централна точка на контакт и извор на информации и насоки за правилата, објави Комисијата.
Актуелниот Закон на ЕУ за вештачка интелигенција ги регулира апликациите врз основа на проценетиот ризик за општеството. Тоа правило веќе е олеснето за да бидат прифатени водечките компании што развиваат модели со ВИ, како OpenAI.
На глобалниот самит за вештачка интелигенција во Париз, главниот директор за глобални прашања на OpenAI, Крис Лехан, изјави дека европските политички и деловни лидери сè повеќе се плашат дека ќе го пропуштат потенцијалот на ВИ.
Тие се на крстопат, дури можеби има и тензија помеѓу некои членки и ЕУ. Затоа прифаќаат да скршнат малку на страна од обележената патека за да ги прифатат иновациите, изјави Лехан.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на самитот во Париз побара од европските пријатели да гледаат кон вештачката интелигенција со оптимизам наместо со страв.