
Вкупно 656 мигранти во 11 групи во саботата преку Ла Манш пристигнале на брегот на Британија. Во петокот пристигнале 180. Вкупниот број на лица што досега во 2025 година на овој начин стигнале во Британија надмина 8.000. Тоа е за 46% повеќе отколку во истиот период лани.
Ова е најлошиот почеток на една година во историјата за нелегални преминувања. Во првите четири месеци во минатата година Ла Манш го преминале 7.567 луѓе, а во претходната година 5.946. Рекордниот бран во еден ден бил на 3 септември 2022 година, кога пристигнале 1.305 луѓе.
Министерот за внатрешни работи во сенка Крис Филип ги опиша бројките како „национална срамота“.
Премиерот повеќе е заинтересиран да ги задоволи своите пријатели правници за човекови права отколку да ги заштити нашите граници од илегални имигранти. Кир Стармер ја загуби контролата врз границите. Бандите се смеат, чамците продолжуваат да доаѓаат, а даночните обврзници ќе ја платат сметката, изјави Филип.
Тој тврди дека овие премини не само што се нелегални, туку се и непотребни, бидејќи Франција, од каде што тргнуваат чамците, е „безбедна земја“.
Откако Стармер ја откажа програмата за депортација на мигранти во Руанда, без да ѝ најде замена, единствениот план за заштита на границата му е да се моли за лошо време, тврди Филип.
Министерството за внатрешни работи одговори дека владата има „сериозен и кредибилен план за да го врати редот во системот за азил“. Најавени се серија мерки кои опфаќаат и воведување ново кривично дело „загрозување на животите на лица на море“ со затворска казна до пет години.
На бандите за шверц на луѓе не им е грижа дали луѓето што ги искористуваат ќе живеат или ќе умрат, сè додека плаќаат. Ќе го разбиеме нивниот бизнис и ќе ги изведеме на суд, соопшти Министерството.
Одговарајќи му лично на Филип, портпарол на лабуристите го потсети дека за време на неговиот мандат како министер за имиграција 8.325 луѓе го преминале Ла Манш во рок од 10 недели: „Не го слушнавме како ги нарекува тие бројки национален срам“.