
Нивото на ситни честички ПМ2,5 во Париз се намалил за 55% во изминатите 20 години, а преполовено е нивото на азот диоксид, покажува новиот извештај од Ерпариф, независна агенција што го следи квалитетот на воздухот во главниот град на Франција.
На топлинските мапи на загадувањето на воздухот пред 20 години речиси целиот град беше критична „црвена“ зона. Денес на картите доминира зелената боја, а црвената остана на линиите над главните булевари и автопати. Озонот е единствениот загадувач што не се намалил во последните 20 години.
Прочистувањето е резултат на мешавина на европски, национални и локални политики насочени кон намалување на емисиите од патниот сообраќај, греењето и индустријата, заклучува Ерпариф во извештајот.
Како конкретни чекори што направиле разлика се посочуваат „воведувањето евро-стандарди за издувни гасови, замената на дизел возилата со бензински и електрични, оданочување на емисиите на индустриски загадувачи и зголемувањето на јавниот транспорт и велосипедска инфраструктура“.
Промената покажува колку амбициозни политики може директно да го подобри здравјето во големите градови. Честичките ПМ 2,5 и азот диоксид, кои во воздухот доаѓаат од ауспусите, се поврзани со големи здравствени проблеми, вклучувајќи срцев удар, рак на белите дробови, бронхитис и астма.
Во март парижаните на референдум изгласаа претворање на уште 500 улици во пешачки зони. И брегот на Сена сега е резервиран за пешаци. Лани тројно беше зголемена цената за паркирање на теренски автомобили во градот.
За прочистувањето најзаслужна е градоначалничката Ане Идалго, која уште од 2014 година ја спроведува политиката „Париз што дише, Париз во кој е поприфатливо да се живее“. Социјалистката ги издржа сите критики и кампањи од десничарските ротивници, здруженијата на сопственици на автомобили и патниците од предградијата, кои се жалеа дека ограничувањата им го отежнува животот.