Кина долго време е глобален лидер на пазарот за критични минерали и метали. Има значителни резерви дома и пристап до резерви од странство благодарение на големите инвестиции во странски рударски операции - особено во Африка.
Пекин ја искористи оваа доминантна позиција во трговската војна со САД, преку ограничувањето на извозот на критични минерали. Податоци од Универзитетот Џонс Хопкинс покажуваат дека претседателот Доналд Трамп се подготвувал за вакво сценарио уште при својот прв мандат.
Американските инвестиции ги управува владината агенција ДФЦ, формирана во 2019 година со цел да парира на присуството на Пекинг во стратегиските региони. Типичен пример е рударската компанија „Тринити металс“ од Руанда, која лани обезбеди грант од 3,9 милиони долари од DFC за да помогне во развојот на рудниците за калај, тантал и волфрам. Тринити сега испраќа волфрам и калај од Руанда во фабрики за преработка во Пенсилванија.
Сепо Хаимамбо, економистка во банкарската група FNB Namibia, ги предупредува африканските земји дека Американците, исто како и Кинезите, ќе ги штитат сопствените интереси.
Нереално е да се очекува дека Американците ќе нудат зделки што се во најдобар интерес на Африка. Земјите треба да се подготват за овие ангажмани преку договори за заедничко производство и вложувања и локално учество во капиталот. Тоа отвора можност африканските земји да создадат суверени фондови од кои потоа може да инвестираат во развојни области, како образованието и здравствената заштита, вели Хаимамбо.

Таа, исто така, истакнува дека би било попрофитабилно за африканските земји да изградат домашни капацитети за преработка на минерали, наместо да ги извезуваат рудите.
Професорот Ли Бранштетер од Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург, вели дека САД пропуштиле еден трик за да го зацврстат уште повеќе своето присуство во Африка. Царините што ги воведе претседателот Доналд Трамп го намалија ентузијазмот низ целиот континент во време кога некои во земјите од супсахарска Африка се жалат дека кинеските инвестиции не им користат доволно на локалното население.
Ако Трамп не воведеше неселективни царини, САД веројатно ќе беа во подобра позиција да имаат корист од незадоволството на Африканците од кинеските проекти, вели професорот Бранштетер.
Хаимамбо истакнува дека САД и Кина може наскоро да се соочат со посилна конкуренција поради зголемениот интерес на Бразил, Индија и Јапонија да инвестираат во проекти во Африка.