Што всушност сака Трамп од Канада?

Кога во првиот мандат Трамп го пречека Трудо во Белата куќа (и цврсто му ја стискаше раката), говореше за „соседи што споделуваат многу повеќе од граница“. Во вториот мандат ја нарекува Канада „51 држава на САД“. Северниот сосед нема одговор зошто Трамп со територијалните претензии ги загрозува односите со најблискиот дипломатски, економски, воен и културен сојузник. 

„Кога ќе погледнете на картата, се гледа дека некој повлекол линија помеѓу Канада и САД. Некој го направил тоа многу одамна и тоа нема смисла“, изјави Трамп во март.

Оваа јасни претензија, како и реториката за анектирање на Канада отвора стари територијални спорови и создава нови судири.

САД и Канада 30 години имаат територијален судир за рибарски права во водите околу ненаселениот карпест остров Макијас Сил во „сивата зона“ помеѓу Мејн и Њу Брунсвик. Спроти сезоната на лов на јастози во спорната зона, зачестија судирите помеѓу канадските и американските рибари што поставуваат и меѓусебно си ги крадат стапиците за јастози во „туѓи“ води. Во регионот на Големите езера соседите ги откажаа координираните еколошки активности.

Промената во политиката е највпечатлива во слободната бибилиотека Хаскел, изградена точно на границата на Вермонт со Квебек како симбол на отвореност на границата. Во март САД ги променија правилата и од Канаѓаните бараат да поминат преку имиграциска контрола за да влезат во библиотеката, наводно за да се спречи шверц на фентанил.

Поранешниот канадски премиер Џастин Трудо тврди дека целта на Трамп е да ја притиска Канада за да ѝ ги присвои критичните ресурси – дрвото, златото, јагленот, нафтата и ретките минерали.

Тоа е причината зошто Трамп зборува да нè присвои и да нè направи 51 држава. Тие се свесни за нашите ресурси и сакаат да извлечат полза од нив, изјави Трудо. „Трамп има на ум дека еден од најлесните начини да го стори тоа е да ја апсорбира нашата земја“. 

И новинарот Џордан Хит-Ролингс, водител на подкастот на The Big Story, предупредува дека изјавите на Трамп за анексија  на Канада треба да се сфатат сериозно.

Му се допаѓа идејата да биде човек што ќе донесе огромна територија. Тој веројатно го сака Арктикот, кој очигледно ќе стане многу повреден во годините што доаѓаат, вели Хит-Ролинс.

Мајкл Вилијамс, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Отава, смета дека администрација на Трамп заклучила дека американската светска доминација повеќе не е можна, па не е ни посакувана. Затоа САД се повлекуваат од далечните конфликти и европските обврски.

САД му даваат приоритет на територијалното јадро, создавајќи континентална тврдина, изолирана од двете страни со Тихиот и Атлантскиот океан. Ако тоа е планот, морате да ги контролирате клучните географски точки на задушување. Го максимизирате пристапот до природните ресурси, кои Канада ги има многу, и ја обновувате индустријата секогаш кога е можно, вели Вилијамс.

Поранешниот советник Џон Болтон, вели дека е тешко да се открие што точно Трамп размислува. Претседателот сега е фиксиран на минерали и природни богатства, но Болтон вели дека најдобриот начин за да стигне до нив не е анектирање на сојузник, туку склучување договори за соработка преку приватниот сектор.

Неговата агресивна реторика и политика го оддалечува од целта. Канаѓаните повеќе немаат доверба во САД, се воздржуваат од патувања преку границата и бојкотираат американски производи.

Ние не сакаме тепачка, но спремни сме, вели  Хит-Ролингс.

15 април 2025 - 09:42