
Експерти од конзервативниот Американски ентерпрајз институт (АЕИ) открија голема грешка во формулата што Белата куќа ја користела за одредување на тарифите за другите земји.
Во равенката како „еластичност на цените од увоз“ била користена вредноста колку ќе се променат цените за потрошувачите како последица на тарифите.
Наместо тоа, правилно е да се калкулира само со увезените производи – колку би ја чинело некоја американска компанија да купи добра од странски продавач.
Белата куќа ја пресметала еластичноста на 0,25 а требало да ја користи вредноста 0,945.
Тоа е дива лига. За таква важна политика би очекувале многу повисоко ниво на професионалност, оценува Стен Вегер од АЕИ.
На страна прецизноста, неговиот соработник Кевин Коринт забележува дека употребената формула нема основа ни во економската теорија ни во трговските правила.
Економистот Дерек Сисорс, пак, е убеден дека администрацијата не направила грешка, туку смислено пресметала која формула да ја користи за да стигне до посакуваните резултати.
Сè ова е наместено. Ова беше манипулативен начин за да стигнат до толку високи вредности бидејќи Трамп инсистираше на многу големи тарифи, изјави Сисорс за ЦНБЦ.
Претставувајќи ја својата анализа, Коринт и Вегер изразија надеж дека Белата куќа ќе ја прифати забелешката и ќе ги прилагоди најавените тарифи пред да стапат на сила утре за да се избегне општа трговска војна и глобална рецесија, ако веќе не може да се спасат илјадниците милијарди долари што за неколку дена беа изгубени со падот на берзите.
На експертите од АЕИ не им е јасно зошто воопшто бил користен трговскиот дефицит како основа за воведување царини. Формулата е едноставна: трговскиот дефицит на САД со некоја земја поделен со вкупниот извоз од таа земја, и сето тоа поделено со 2.
Тоа нема економска смисла. Дефицитот со некоја земја не е резултат само на царини и на трговски бариери, туку и на меѓународните текови на капиталот, синџирите за испорака, компаративните предности и географијата, велат авторите.
Тие се убедени дека Трамп е под опсесија од тарифи и ништо не можело да го спречи да ги спроведе.
Трамп е протекционист уште од осумдесеттите и мисли дека трговските дефицити се загуби, а суфицитите се профит. Едноставно е вљубен во тарифите, тврди Вегер.