САД ќе укинува визи и зелени карти за антисемитизам

Американски агенти ќе претресуваат милиони пораки што странски студенти и мигранти ги објавиле на социјалните мрежи. На оние што постирале антисемитиски содржини може да им ги поништат визите и зелените карти. Службениците и апликантите почнаа трка за пребарување по Фејсбук, Икс и Инстаграм – едните за да ги регистрираат спорните постови, другите за да ги избришат.

Службите за државјанство и имиграција на САД ќе почнат да ја разгледуваат антисемитската активност на мигрантите на социјалните мрежи и ќе ја сметаат како основа за одбивање на барањата за сите бенефиции за имигранти, соопшти вчера УСКИС, агенција во рамките на Министерството за внатрешна безбедност на САД.

Политиката се однесува на странските студенти, лицата со виза и оние што аплицирале за зелена карта за легален постојан престој во САД. Од апликантите може да биде побарано да ги пријават своите профили на социјалните мрежи, но нема да се бараат лозинките.

При претресот агентите ќе бараат пофалби за организации како Хамас, Хезболах или јеменските Хути, кои се залагаат за уништување на Израел и кои Вашингтон ги смета за терористички организации.

Содржини на социјалните медиуми што укажуваат на поддршка или промоција на антисемитски тероризам, антисемитски организации или каква било друга антисемитска активност ќе бидат земени предвид при проценувањето на поволностите за имигрантите, додава УСКИС.

Претседателот Доналд Трамп уште во јануари потпиша извршна наредба до агенциите да ја засилат проверката на имигрантите. Државниот секретар Марко Рубио изјави дека врз основа на таа препорака во март веќе биле поништени визи на околу 300 луѓе.

Странците ги немаат истите права како Американците. Мое дискретно право, а не на судиите, е да одобрувам или одбивам визи, изјави Рубио.

Наредбата предизвика бура меѓу организациите што се залагаат за заштита на правата на мигрантите, за приватноста на граѓаните и за слободата на изразување. Проектот Нексус, кој се бори против антисемитизмот, оцени дека администрацијата на Трамп тргнува по имигрантите во име на справување со антисемитизмот, кој сега го смета за „увезен“, а не за домашен проблем.
 

10 април 2025 - 15:43