Кина е подготвена за битка

Доналд Трамп се пуваше дека светски лидери „му бацуваат газ“ во обид да преговорат поволни царински договори со Соединетите држави. На вечера за собирање донации ги исмеваше, имитирајќи ги како му се увлекуваат. Не кажа на кои земји мисли, ама е јасно дека во тоа купче не беше Кина. Нејзината реплика на објавувањето трговска војна од Вашингтон беше: Ајде!

Во средата, Трамп стави 90-дневна пауза на тарифите над 10%. Со еден голем исклучок: Кина, со која започна опасна игра на „ај не смееш“ па најави дека ќе ја зголеми царината до 125%.

Пазарите живнаа како одговор на 90-дневната пауза, но, во тие четири дена по „Денот на ослободувањето“, на Американците над 6 трилиони долари од нивното богатство им испари на берзата. И сè уште се во загуба.  

„Ако ова е исходот од таканаречената Тукидидова стапица, идејата дека империја во опаѓање завршува во војна со империја во подем, првичното обложување на инвеститорите е против американска победа. Трамп, неволно, можеби бил принуден да се соочи со таа реалност“, пишува Џон Репли, автор на книгата „Економијата како религија.“

Не дека некој ќе ќари од трговска војна. Доколку се продолжи со агресивна глобална тарифна програма, ќе настрада целата светска економија, при што проценките за кумулативното намалување на глобалниот економски раст во наредните години се искачија над 2%. 

На краток рок, помалите економии кои во голема мера зависат од трговијата со САД би биле најтешко погодени, но на сите ќе им биде полошо. Како што вели старата африканска поговорка, кога се тепаат два слона, најмногу страда тревата.

„Но, штом ќе слегне прашината, победникот, во релативна смисла можеби ќе биде Кина. Земјата може да се покаже пожилава од нејзиниот ривал затоа што се чини дека Трамп подлегна на фаталната маана на многу империи во опаѓање: ароганцијата. Тој ја прецени својата сила и ја потцени онаа на својот непријател“, пишува Репли.

Тој вели дека Трамп ја започна трговската војна без јасна стратегија, претпоставувајќи дека сите брзо ќе се предадат. Но ја става Америка лошо подготвена за долг трговски конфликт со Кина - со отворањето на неколку стотини фронтови за трговска војна одеднаш, Трамп загрози нешто повеќе од една десетина од американската економија. И со тоа, создаде непријатели насекаде. 

Спротивно на тоа, Кина ги фокусираше своите нови трговски бариери единствено на САД, кои сочинуваат околу 2,5% од нејзиниот БДП - или поблиску до 4%, ако се сметаат и земјите „спотери“ како Виетнам.

Кинеската лежерност произлегува од она што, за разлика од САД, е јасна стратегија: да се држи отворен светски трговски поредок кој Кина умешно го користи за развој на оние индустрии кои ќе ја дефинираат иднината, како што се обновливите извори на енергија, електричните возила, роботиката и вештачката интелигенција. Таа сега ќе се позиционира како нов гарант на светскиот трговски поредок од кој САД се откажаа, обезбедувајќи растечки пазари низ светот.

Трамп верува во успех затоа што американската економија е поголема од кинеската, со многу повисок приход по глава на жител и е многу помалку изложена на трговија со Кина отколку обратно. 

Но, таа математика може да се покаже погрешна. Прашањето не е само колкав удар може да зададе некоја земја, туку колкава болка може да издржи.

Со други зборови, прашање е колку еден обичен Американец ќе трпи што му е лошо, само затоа што ќе му кажуваат дека на Кинезот му е полошо.

 

11 април 2025 - 23:00