Погоди кој доаѓа на убиство

Или некој во британската влада ептен е навлечен на научна фантастика или технологијата го стигнала нивото на дистописките сценарија на холивудските филмови. Со програма украдена од „Малцински извештај“, алгоритам со вештачка интелигенција ќе ги следи лицата со и без досие, ќе претпостави кој и кога има убиствен нагон и ќе го спречи злосторството. Што може да тргне на лошо?

Заради зајакнување на јавната безбедност, британската влада развива програма за рано идентификување на луѓето кои „најверојатно ќе станат убијци“, врз основа на податоците за граѓаните што ѝ се достапни на полицијата. 

Развојот на вештачката интелигенција стигна до степен кога алгоритми се хранат со податоци за илјадници луѓе, вклучувајќи извршители и жртви на криминал, машината прави анализа и настојува да ги маркира оние со највисок ризик.

Проектот бил активиран од кабинетот на поранешниот премиер Риши Сунак. Базата содржи податоци за криминал од различни извори, вклучувајќи ги и Службата за пробација и полицијата на Манчестер пред 2015 година. Обработените информации вклучуваат имиња, датуми на раѓање, пол и етничка припадност, како и шифра во националната полициска база. 

Активисти за човекови права се згрозуваат од проектот, опишувајќи го како „застрашувачки“ и „дистописки“.

Групата Стејтвоч, која го открила проектот, предупредува дека алгоритмите ќе бидат хранети со луѓе што не се осудени за какво било кривично дело, а за кои полицијата поседува лични и семејни информации. 

Владата тврди дека машините ќе бараат потенцијални убијци само меѓу лицата со „најмалку една кривична пресуда“.

Врз основа на досегашните дела, алгоритмот ќе ги анализира специфичните карактеристики на сторителите и ќе предупредува на ситуации со висок ризик од извршување убиство. Проектот ќе придонесе за заштита на јавноста преку подобра анализа, изјави портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Стејтвоч тврди дека во базата се и здравствени маркери на луѓе што побарале помош од полицијата - податоци за менталното здравје, зависност, обиди за самоубиства, самоповредување и попреченост.

Создавањето автоматизирана алатка за профилирање на луѓето како насилни криминалци е длабоко погрешно. Користењето такви чувствителни податоци за менталното здравје, зависноста и попреченоста е многу алармантно. Како и другите системи од ваков вид, тој може да биде пристрасен во однос на малцинствата и лицата со ниски приходи, објави групата. 

9 април 2025 - 19:35