Ако во остатокот од светот муслиманските заедници се преплавени со помош од богатите арапски држави во форма на покани за верници на верска дообука, плаќање по 300 евра за носење три-четвртински пантолони и ставање на сопругите во хиџаб, или испраќање на сопствен кадар за радикално религиозна надградба, прашањето на Ујгурите во Кина останува недопрено од истите.
Дел од објаснувањето е дека некои од муслиманските држави молчат затоа што не сакаат да си ги расипат економските односи со Кина, посебно откако започна со изградба на новиот Пат на свилата. Држави како Пакистан не се мешаат во овие работи бидејќи и онака имаат проблем со кредитниот рејтинг и општо отплаќањето на долгот кон Кина.
Други држави како Египет се обвинети дека и помагаат на Кина во прогонот на муслиманите, па поттикнати од инвестициите околу Патот на свилата, тие минатата година уапсија дузина на Ујгури студенти по барање на Кина, а уште толку депортираа.
Друга работа е што и самите арапски држави не се прославени по својата борба за човекови права, па и тие имаат исто разбирање во приоретизирање на стабилноста во земјата во однос на човековите права, и многу повеќе енергија вложуваат во убедување на светот дека не треба да се меша во работите на други држави.
Една од муслиманските држави кои пробаа да ја прекорат Кина беше Турција. Во 2009-та, Ердоган го прогласи однесувањето на Кина кон Ујгурите како „еден вид геноцид.“ Во 2015, Ердоган понуди прибежиште за ујгурските бегалци од Кина. По ова во државниот весник Чајна дејли се појави текст кој предупредуваше дека ова „би можело да ги наруши врските и да ја попречи соработката“.
Ердоган во последно време се нема произнесено на темата, но кинеските медиуми продолжуваат да се занимаваат со Турција. Така државниот Глобал тајмс објави едиторијал во кој се зборуваше за економска помош на Турција од Кина, притоа предупредувајќи да не се прават „дополнителни неодговорни забелешки околу етничката политика“ во ујгурскиот регион.