Британски Телеграф разговара со Мет Робинсон, волонтерот кој замина да се бори во Украина уште на почетокот од конфликтот. Прво нешто што го кажуваат е дека Робинсон првата борба ја има не против Русите, туку против свој колега од Легијата, пијан Полјак кој тргнал да го коле возачот на автобусот затоа што мислел дека ги вози во Русија а не во Украина.
„Брзо стана јасно дека не сите се високо обучени поранешни падобранци или маринци,“ пишува Телеграф.
Робинсон веднаш по инцидентот решава да се симне од автобусот кој ги превезува легионерите од Полска во Украина. Крајната станица на автобусот е Јаворив во западна Украина. Два дена подоцна базата во Јаворив каде требало да биде сместен Робинсон е погодена со 30 руски крстосувачки ракети, и загинуваат најмалку 35 волонтери.
„Овие први блиски искуства сепак го сумираат досегашното искуство на странските волонтери во Украина: соборци со различен квалитет, сомнителен процес на регрутирање, и сфаќање дека Кремљ цело време те има на нивниот ласерски наведуван нишан,“ пишува Телеграф.
Војната во Украина е тешка и за британски ветерани од Ирак и Авганистан, кои објаснуваат дека може просечниот руски војник ја нема фанатичноста на ИСИС и Талибанците, но затоа има тенкови, авиони и хиперсонични ракети, или што и да е друго од рускиот арсенал.
„Ние сме аутсајдерите тука и што сакаш кажи за Русите, ама тие се професионална армија и користат многу хај-тек опрема.
Седиш во ров а над тебе летаат дронови со камери, и во моментот кога ќе те забележат, праќаат артилерија. Во првите неколку недели имав три многу блиски средби. Ова е војна за возрасни - и ова е тоа за што дојдов, ама не е за секого,“ изјавува поранешниот британски маринец кој се бори во близината на Киев.
Еден американски волонтер го повторува проблемот што го кажаа волонтерите уште од првите денови на војната:
„Првиот проблем е што Легијата те тера да потпишеш договор на три години. Ние со задоволство ќе се бориме, ама е разбирливо луѓе да се нервозни што од нив се бара да потпишат договор на тој период.“
Тој се чуди и од тоа што и во оваа ситуација има сериозна корупција во украинската армија, па фали основна опрема, „имаш оружје, а немаш куршуми, или немаш панцир или прва помош. Сите сакаме да се бориме, ама тие тоа баш не ни го олеснуваат.“
Телеграф ја раскажува приказната на волонтер, професионален стрелец, кој имал задача со тим од четворица украински волонтери да уништи руско снајперско гнездо. На првото гледање станало јасно дека волонтерите „се локални земјоделци вооружени со ловечки пушки, кои никогаш не застрелале ништо поопасно од лисица.“
„Беше апсурдно, самоубиствена мисија, па ја откажав,“ изјавил волонтерот.
Од друга страна, волонтери со подолг стаж како командантот на Грузиската легија, Мамука Мамулашвили, која брои околу 1.000 борци, објаснува дека има правила, кои може да се подобрат, ама сепак има правила.
Според него 3-годишните договори важат само за украинските државјани, а странците треба да потпишат 6-месечен договор, затоа што „не можеш да дојдеш тука да попукаш неколку недели, да убиеш неколку луѓе и да се вратиш назад кога ќе почне бомбардирањето.“
Мамулашвили порачува дека Украина не е место за луѓе кои немале ниту една борба во животот: „Ние кај нас ги прифаќање само луѓето со претходно вистинско воено искуство, па дури и од нив земаме само мал процент“.
Уште една порака на волонтерите е дека војната во Украина пред и над се е артилериска војна, што значи дека војниците ќе минат далеку повеќе време криејќи се во ровови отколку што ќе пукаат еден на друг:
„Поверојатно е дека ќе те погоди ракета многу пред воопшто да имаш престрелка со некого, што луѓето најмногу сакаат да го прават.“