„Оние кои бараат интеграција треба да се запрашаат зошто толку многу време и треба на интеграцијата или зошто таа не функционира за голем број бегалци и мигранти,“ пишува Арас Бачо во текстот за австрискиот дневен весник, ОЕ24.
Меѓу неговите барања до европските домаќини е да разберат дека плаќањето данок не е доволно, и дека со тоа не завршиле работа околу имигрантите, туку дека секој Австриец треба да дава доброволни донации за поддршка на дојденците, затоа што донацијата само како доброволно дело е хуман потег.
Сето ова Бачо го засилува со библиски стихови, цитирајќи „Сите христијани треба природно да знаат дека Исус рекол ’на човек на мака дај му го твојот дом и сите твои пари’“, за веќе со следната реченица да го изрази своето разочарување, заклучувајќи: „Како што можете да видите не сите христијани го почитуваат ова правило.“
Освен вдомување, Бачо предлага Австријците и бегалците треба да почнат заедно да одат на екскурзии, каде подобро ќе се запознаат.
Авторот повеќе е активен на германското издание на Хафингтон пост, каде текстовите му се во насока на убедување на Германците да почнат да прифаќаат повеќе бегалци, зачинето со ставови против АФД или барање да им се даде право на глас на бегалците.