
По примерот на неколку други земји, и Британија планира да воведе јаглеродни пасоши со кои ќе им ограничи на луѓето каде и колку често да патуваат, особено на далечни дестинации. Во пасошите ќе се бележи потрошениот јаглероден отпечаток преку калкулирање на далечината, видот на превозното средство, класата, багажот и други вредности. Кога ќе се достигне одредена граница на ослободен јаглерод од превозот, нема да му се дозволи повеќе да патува до следната година.
Концептот на јаглеродните пасоши пред две години го препорача туроператорот Interpid Travel од Мелбурн, како „иднина на еколошки одржливи патувања“. За сличен концепт „Лично тргување со јаглерод“ се расправаше во Долниот дом на британскиот парламент уште во 2008 година.
Просечниот годишен јаглероден отпечаток за секој жител во Британија е 11,7 тони. Тоа е пет пати повеќе од нивото од 4 тони препорачано со Парискиот климатски договор, за да може да се ограничи порастот на глобалната температура под 1,5°C до 2050 година. Глобалниот просек за јаглеродниот отпечаток по човек до средината на векот треба да се спушти на 2 тони.
Некои европски земји веќе преземаат мерки за намалување на воздушниот сообраќај. Патниците во Белгија плаќаат зголемени даноци за кратки летови со постари авиони. Франција ги забрани домашните летови на релации каде што истото патување може да се направи со воз за помалку од два и пол часа.
Рос Бенет-Кук од Универзитетот во Вестминстер предвидува дека првите јаглеродни пасоши ќе почнат да функционираат до 2040 година.
Помеѓу 2013 и 2018 година, количината на CO₂ емитирана од комерцијалните авиони ширум светот се зголеми за 32%. Подобрувањата во ефикасноста на горивото полека ги намалуваат емисиите по пренесен патник. Но, истражување од 2014 година покажа дека какви и да се напорите на индустријата да ги намали своите емисии на јаглерод, тие ќе бидат надминати од растот на воздушниот сообраќај, вели Рос.
Пасошот нема да ги опфати само летовите со авиони. Студија на Европската федерација за транспорт и животна средина од 2023 година покажа дека големите крстосувачи испуштаат четири пати повеќе сулфурни гасови (за кои е докажано дека предизвикуваат кисел дожд и респираторни проблеми) во атмосферата отколку сите 291 милион автомобили во Европа заедно. Амстердам и Венеција веќе забранија вкотвување големи крузери.
Луѓето ќе бидат стимулирани да користат алтернативни превозни средства, пред се брзи возови за подалечни патувања и автобуси за пократки.