
Во железарниците низ светот се произведува повеќе челик отколку што светот може да користи. Се проценува дека вишокот производство на челик ќе достигне 721 милион тони до 2027 година, според Организацијата за економска соработка и развој. Европа особено силно ја погоди намалената побарувачка на пазарот.
Челикот отсекогаш бил симбол на економска моќ и национален престиж. Тој е основниот материјал на современиот живот, без него нема згради, патишта, автомобили, фрижидери, електроника, тенкови и авиони. Заминувањето на САД, како главен гарант за безбедноста, уште повеќе ја зацврсти клучната улога на челикот во одбраната на Европа.
Ниту една земја не може да произведува сè сама. Но првото нешто што секоја сака да го произведува е челикот, вели Елизабет Брау, виш соработник во Атлантскиот совет.
Глобалното производство страда од силниот удар од Кина, која во изминатата деценија го преплави пазарот со евтин челик. Кинеските фабрики произведуваат повеќе челик и алуминиум отколку сите други земји во светот заедно. Како што економијата слабееше, Кина извезуваше метали по немилосрдни цени.
Тоа ги спушти цените, го намали профитот и резултираше со масовни отпуштања. Кило на кило, челикот е поевтин од флашираната вода.
Пекинг може да го издржи притисокот, но Европа трпи силен удар. Владите сакаат да ги заштитат работните места во индустријата што се смета за клучна за националната безбедност, но и избегнат спасувања со субвенции.
Индискиот концерн Тата неодамна отпушти 1.600 луѓе во фабриката Ијмуиден во Холандија. На ниво на цела ЕУ, производителите на челик лани укинаа 18.000 работни места и затворија погони со производствен капацитет од 9 милиони тони. Германија во првата половина од оваа година произведе 17 милиони тони помалку челик во споредба со истиот период лани.
Нов товар за европските челичарници се царините од 50% што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа не значи само затворање на американскиот пазар за европскиот челик, туку и сигнал за другите земји да го пренасочат својот извоз кон Европа.
Ова е еден од навистина проблематичните остатоци од најславните денови на глобализацијата. Луѓето не очекуваа дека пазарот може да биде деформиран, особено не на начин на кој се судира со интересите за национална безбедност, вели Брау.