Дебело сме ја потцениле моќта на Сонцето

На своја кожа чувствуваме колкава е силата на Сонцето, но научниците мошне веројатно ја потцениле неговата магнетна моќ. Ново истражување покажува дека и најсовремените инструменти на НАСА регистрираат едвај половина од магнетното зрачење. Тоа е важно за да се спречат катастрофални последици од сончевите бури врз сателитите и електричната мрежа на Земјата.

Со години мислевме дека разбираме колку е силно магнетното поле на Сонцето, но сега откриваме дека можеби е двојно посилно, вели Хан Ујтенбрук, учесник во истражувањето од Националната сончева опсерваторија (NSO) на Националната научна фондација на САД.

Тоа е важно бидејќи магнетното поле ги создава сончевите бури, кои можат да ги оштетат сателитите, да ги нарушат комуникациските и навигациските системи, па дури и да предизвикаат прекини во снабдувањето со електрична енергија на Земјата.

Интензитетот и влијанието од овие сончеви бури постојано се следи со инструменти што детектираат магнетизам на сончевата светлина, како Хелиосеизмичкиот и магнетен снимач (HMI) на НАСА на Опсерваторијата за сончева динамика (SDO).

Проектите за сончева и вселенска наука во голема мера се потпираат на точни, конзистентни мерења на магнетното поле од видливата површина на Сонцето. Но, постои проблем: различните сончеви телескопи и инструменти даваат различни резултати, а ние не разбираме целосно зошто, вели Гордон Петри, водечки научник на студијата во NSO.

Тимот на Петри создал компјутерски модел што целосно го симулирал процесот на создавање магнетна мапа (магнетограм), на Сонцето. Компјутерот го симулирал начинот на кој светлината патува до инструментот HMI на НАСА. Притоа биле пресметувани повеќе фактори, од тоа како светлината содејствува со магнетните полиња, до оптиката и движењето на инструментот во орбитата.

Откривме дека HMI генерално детектира околу половина од магнетното поле. Тоа е последица на несовршеноста на инструментот да ја анализира сончевата светлина. Тоа објаснува зошто е потценет и интензитетот на сончевиот ветер и на магнетното поле во близина на Земјата, мерено со мисии како Parker Solar Probe, вели Петри.

Симулациската рамка нуди нова алатка за калибрација за прилагодување на податоците и може да се примени на податоци од други сончеви опсерватории, како Групата за глобална осцилаторна мрежа (GONG) на Земјата, која исто така го следи магнетното поле на Сонцето.

25 јули 2025 - 13:49