Ментално неподобни Украинци служат војска

Чести паузи во меморијата, дезориентација, конфузија околу бројките и боите – ова се секојдневните проблеми на 28-годишниот Васиљ од централна Украина. Од 2015 година е на психијатриски третман за растројство на личноста. Но, тоа не ги спречило украинските вооружени сили да го повикаат на воена служба и да му дадат оружје.

Дојче Веле имале увид во психијатрискиот наод за Васиљ од 2015 година. Во него се вели:

„Васиљ има сиромашен вокабулар, ниско ниво на апстрактно размислување, коефициент на интелигенција од 66 и дури не го разбира ниту името на својата земја ниту главниот град на Украина“.

А неговите симптоми се влошуваат под стрес. Психијатриската институција која го евалуирала дијагностицирала ментална ретардација и емоционална нестабилност.

Офицерите на украинската армија не сакаат во своите редови да имаат личности со ментални проблеми но воените лекари не секогаш им веруваат на цивилните проценки бидејќи многу мажи симулираат психички проблеми за да избегнат одење на фронт.  

Од почетокот на годината, биле поднесени преку 2.000 жалби за кршење на човековите права за време на мобилизацијата, известува народниот правобранител Дмитро Лубинец. Лани имало околу 3.500. Лубинец признава дека имало случаи кога тешко болни луѓе била викани во војска но точни податоци за тоа нема. 

Од сведоштвата кои ги наведува ДВ, во регрутните центри доаѓале и луѓе со туберкулоза, епилепсија, шизофренија.... 

„Еден војник, висок 1,75 метри, тежок само 38 килограми, со слаб вид и деформиран граден кош, не може ниту да оди ниту да дише во панцир. А во војска е од 2022 година и само го префрлуваат од единица во единица“, вели адвокатот Јевген Зекмистер и објаснува дека тоа е така затоа што ниедна од неговите поединечни дијагнози не е доволна за оценката „неспособен.“

26 јули 2025 - 10:13