
Вакцините против ковид спасиле многу помалку животи отколку што тврди СЗО, се заклучува во ново истражување, спроведено од Универзитетот Стенфорд и италијански експерти.
Минатата година СЗО тврдеше дека вакцините против ковид спречиле смрт на 14,4 милиони луѓе ширум светот само во првата година откако беа одобрени за користење. Некои проценки ја приближуваат бројката до вкупно 20 милиони спасени животи.
Сепак, новото истражување со обновени параметри сугерира дека иако вакцините спасиле животи, вистинската бројка била „значително поконзервативна“ и е поблиску до 2,5 милиони луѓе ширум светот во целиот тек на пандемијата.
Тимот проценил дека 90% од спречените смртни случаи поради вакцината биле кај популацијата на возраст над 60 години. Но, вакцините спасиле само 299 лица на возраст под 20 години и 1.808 на возраст меѓу 20 и 30 години низ целиот свет.
Во вкупниот биланс, за да се спаси еден човечки живот потребно било да се вакцинираат 5.400 луѓе. За лицата помлади од 30 години, односот се искачил на 1 спасен живот на 100.000 вакцинирани лица, укажува студијата.
Врз основа на овие бројки, истражувачите ги критикуваат „агресивните задолжителни мерки и фанатизмот да се вакцинираат сите по секоја цена“. Додаваат дека нивниот труд може да придонесе како во иднина ќе се пристапува кон кампањите за вакцинирање.
Мислам дека раните проценки се базираа на многу параметри со вредности кои не се соодветни на нашето сегашно разбирање. Разумно е да се таргетираат популациите од кои огромно мнозинство би имале полза, а да се остават на страна оние со сомнителен однос на ризик и корист. Агресивните задолжителни мерки и фанатизмот да се вакцинираат сите по секоја цена веројатно беа лоша идеја, вели Џон Јоанидис, професор по медицина на Универзитетот Стенфорд и главен автор на студијата.
Од 2021 година дадени се повеќе од 13 милијарди дози вакцина против ковид. Се зголемува загриженоста дека вакцините можеле да бидат штетни за некои луѓе, особено за младите, и дека ризикот не вредел за ползата од вакцинирање популацијата со мал ризик од ковид. Во јуни, производителите додадоа предупредувања за миокардитис и перикардитис во упатствата за вакцините против ковид со мРНК.
За новата студија, експертите користеле податоци за светската популација, заедно со ефикасноста на вакцините и стапките на смртност од инфекции, за да проценат колку луѓе починале од ковид пред или по периодите на вакцинација. Тимот верува дека претходното моделирање можеби користело премногу песимистички стапки на смртност од инфекции и премногу оптимистичка ефикасност на вакцините, а не земале предвид колку брзо заштитата ослабела. Поранешните студии можеби потцениле и колку луѓе веќе биле несвесно заразени до моментот кога ја примиле вакцината.
Тимот пресметал дека се спасени околу 14,7 милиони години живот, една година живот на 900 администрирани дози на вакцина. Користа била ограничена само на постарите лица. Луѓето на возраст над 70 години придонесуваат за речиси 70% од вкупниот број спасени животи, а оние на возраст од 60 до 70 години за уште 20%. Спротивно на тоа, лицата помлади од 20 години сочинувале само 0,01% од спасените животи, а оние од 20 до 30 години сочинувале 0,07%.
Ова е добра поука дека ако имаме уште една пандемија, треба да бидеме многу поклинички во врска со односот ризик-корист. Прилично рано знаевме кои се најранливите групи и требаше многу строго да се фокусираме на нив, наместо да ги загрозуваме и луѓето кои се изложени на мал ризик од вирусот. Извештајот говори и за нивото на агресија при обидот да се принудат луѓето да се вакцинираат и да се замолкнат оние што изразуваа загриженост, вели Сер Дејвид Дејвис, поранешен секретар за Брегзит.