Посебна алергија на Меркел почнуваат да развиваат нејзините сопартијци од Источна Германија, иако и самата канцеларка по потекло е од таму. Ограноците на ЦДУ, партијата на Меркел, во источногерманските сојузни држави Тирингија, Бранденбург и Саксонија споделуваат заедничка желба Меркел ако може да се држи што е можно подалеку од источниот дел на земјата.
Иако јавно никој не го зборува ова, досегашните искуства се дека секогаш кога Меркел ќе се појави во источна Германија таа е дочекана со извици, свирежи и навреди. Во пракса ова се виде на изборите во 2017 кога АФД доби повеќе гласови од ЦДУ на голем број гласачки места на истокот.
Шпигел пренесува изјави на политичари на ЦДУ од овој дел на Германија. Така потпретседателот на парламентот во Тирингија, Михаел Хајм, изјавува дека треба локално да одлучат дали таа треба да се појави во сојузната држава; додека претседателот на парламентот на Саксонија, исто така од ЦДУ, изјавува дека нејзиното појавување нема да им користи.
„Ако ЦДУ успее да го добие мнозинството гласови во секоја од овие три сојузни држави, тогаш тоа нема да биде заради источногерманската канцеларка, туку заради тоа што се приближува крајот на нејзиниот мандат.
За време на нејзиното владеење Меркел никогаш не се трудеше премногу да се осигури дека источногерманците имаат чувство на припадност - и многумина ја презираат заради тоа,“ се објаснува во текстот на Шпигел.
Освен на зборови дел од ограноците и на изглед се дистанцираат од централата, па наместо класичната портокалова на партијата, ЦДУ Бранденбург користи црвено-бела шема (налик онаа карактеристична за сојузната држава), додека ЦДУ Тирингија избира тиркизна.
Во корист на овие филијали оди и тоа што ЦДУ се согласи на изборите за Европскиот парламент да ги предводи заеднички кандидат од ЦСУ, Манфред Вебер. ЦСУ има посебно силна поддршка на истокот заради начинот на кој летоска и се спротивстави на Меркел околу бегалците.
„Сите партиски активисти се уште имаат јасни сеќавања од кампањата за последните федерални избори, кога од свирежите едвај можеа да се чујат самите себе додека зборуваа на плоштадите,“ објавува Шпигел.
Процената е дека источногерманците се разочараа што после толку години чекање некој да обрати посериозно внимание на нивните проблеми, на власт доаѓа жена родена меѓу нив, која одеднаш решава целото свое внимание, енергија и политички капитал да ги вложи за да им помогне на странци.
„Луѓето на истокот се почувствуваа лично навредени токму од жената која требаше нив најдобро да ги разбере,“ објаснува за Шпигел политиколог Томас Клихе.