Како Гугл го мамеше Брисел

Додека Гугл ја брани својата империја од регулаторите во САД и ЕУ, информатичкиот гигант ја предвидел оваа битка и се спремал за неа пред повеќе од две децении. Се врзувал со еврокомесари и плаќал лобисти за да покаже дека доминацијата ја обезбедил со иновации, а не со матни бизнис зделки. Сега е соочен со најсериозната битка во Брисел.

Само пет години по основањето, Гугл во 2003 година ги надминал Јаху како најпопуларен пребарувач на интернет. Уште од тогаш бил претпазлив. Во интерен меморандум вработените биле предупредени да не користат изрази како „задушување на конкурентите“ што би го привлекле вниманието на антимонополски службеници, се открива во документи што се откриени две децении подоцна, како дел од судска постапка.

Ние сега сме доминантен играч во индустријата и се обидуваме да обесхрабриме потенцијални конкуренти, запишал тогашниот главен економист Хал Варијан.

Истражување на Follow the Money, врз основа на документи од судски процеси во САД, лобирања во ЕУ и интервјуа со експерти покажуваат како Гугл ги убедувал политичарите и јавноста дека доминантната позиција ја обезбедил со иновативност, а не со сомнителни бизнис практики.

Гугл денес ја контролира најголемата машина за пребарување и платформа за видеа, како и оперативен систем и продавница за софтвер што е вградена кај три четвртини од мобилните телефони. Повеќето услуги се бесплатни за корисниците, но компанијата заработува милијарди од онлајн рекламирање.

Во изминатата година Гугл се соочи со низа антимонополски процеси во ЕУ и САД поради технологијата за огласување на интернет. Властите тврдат дека помалите фирми не можат да заработат пари од реклами. Гугл сега мора да докаже дека прави големи промени, за да не биде принуден да продава делови од бизнисот. Ако САД и ЕУ решат да ја распарчат компанијата, како што се надеваат критичарите на Гугл, тоа може да води до зголемена активност и иновации.

Последиците ќе се одразат пошироко од бизнисот. Во прашање е иднината на демократијата. Контролата врз податоците засилено се централизира кај неколку платформи. Ако не ги поставиме правилно принципите за овие јасни случаи на монополско однесување ќе испратиме јасна порака дека сите идни технологии може да бидат монополизирани од уште побескрупулозни актери. И никој тогаш нема да може да им се спротивстави, предупредува  нобеловецот Дарон Аџемоглу, професор по економија на МИТ.

Жалбите за нефер практики на Гугл ја поттикнале првата истрага на ЕУ во 2010 година. Но, тогашниот еврокомесар за компетитивност Хоакин Алмунија избегнал да објави казна. „Њујорк тајмс“ подоцна пишуваше дека Алмунија бил близок до тогашниот директор на Гугл, Ерик Шмит, со кој редовно се допишувал. Истрагата била забавена се до 2014 година, кога завршил мандатот на еврокомесарот. Новата комесарка Маргрета Вестагер во 2014 година отворила нови истраги, со препорака да биде разбиен монополот. На удар бил и оперативниот систем Андроид. Гугл реагирал со агресивно лобирање. Негови претставници имале 420 средби со функционери во Европската комисија и потрошиле 60 милиони долари. Се потпирале на адвокатски фирми, кои не оставаат „регулаторен отпечаток“, бидејќи имаат право да ја гарантираат тајноста на своите клиенти.

Наспроти овие напори Комисијата во 2017 година го казни Гугл со 2,4 милијарди евра, а потоа со уште 4,3 милијарди поради принудувањето на производителите на мобилни телефони да го инсталираат Андроид како оперативен систем.

ЕУ во 2022 година го усвои Законот за дигитални пазари, но и САД го засилија притисокот. Лани во август и американски суд пресуди дека Гугл го злоупотребил својот монопол за пребарување. Не беше принуден да го продаде пребарувачот Хром или оперативниот систем Андроид, но доби наредба да ги споделува податоците со своите ривали. Друга суд годинава пресуди дека Гугл задржал нелегален монопол за онлајн огласување, но не одреди казна.

Во паралелна истрага ЕУ во септември го казни Гугл со 2,95 милијарди евра поради „нарушување на конкурентоста“ и му даде два месеца да одговори како ќе го реши проблемот. Ако Брисел не е задоволен од одговорот, може да реши да го разбие на парчиња.

Пречка може да биде администрацијата на Доналд Трамп, која од една страна го притиска Гугл, а од друга ги штити американските компании од регулаторите во Брисел и се заканува со одмазднички царини.

Очекувам Комисијата да не потклекне. Ако се поколебаме поради насилник како Трамп или поради закани од Силициумската долина, тоа ќе биде најопасниот сигнал, вели германскиот европратеник Рене Репаси. 

5 ноември 2025 - 16:47