За договорот што треба да биде почеток на крајот на војната, досега се познати само неколку работи:
Израел активно се обидува да го поткопа договорот. Тоа го докажа со напад врз Бејрут во неделата. Израел е длабоко загрижен поради тоа што не бил вклучен во преговорите, иако ја почна војната заедно со САД и дека условите не ги постигнуваат целите што ги поставија сојузниците. Последниот дел е јасен: самото постоење на овој Меморандум за разбирање докажува дека целите на војната не беа исполнети, бидејќи тие сигурно не вклучуваа преговори на САД за излез со непоразен Иран.
Знаеме, бидејќи двете страни и медијаторот Пакистан го потврдија тоа, дека постои конечен Меморандум за разбирање и дека треба да биде официјално потпишан в петок во Швајцарија од страна на потпретседателот Џ.Д. Венс, а можеби и самиот Трамп. „Секако дека планирам да бидам таму, но можно е да дојде и претседателот“, изјави Венс за Фокс њуз.
Знаеме дека Трамп наредил да се укине поморската блокада на САД, веќе од понеделникот.
Ормускиот теснец ќе се отвори повторно од иранска страна, но двете страни објавија различни услови. Трамп вели дека преминот на бродови ќе биде „бесплатен“, а иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи спомнува „такси за услуги“.
Војната ќе заврши на сите фронтови, вклучително и во Либан. Ова го потврдија и двете страни. Израел, очигледно, се труди да го расипе ова.
Вклучена е некаква форма на олеснување на санкциите. Иран зборува за „прекинување на сите санкции“. Висок американски функционер потврди дека „Иран ќе добива економски отстапки секој пат кога ќе исполни низа барања на САД“.
Во Меморандумот за разбирање очигледно нема ништо во врска со нуклеарното оружје, освен забелешката дека за ова прашање ќе се дискутира во 60-дневниот преговарачки прозорец. Иран во меѓувреме ќе го задржи својот сегашен нуклеарен статус кво.
Всушност, Меморандумот за разбирање во моментов ги решава само проблемите што ги создаде самата војна: прекин на огнот, отворање на теснецот и укинување на блокадата. Преговорите за повеќето работи што навистина се спорни - како нуклеарното прашање – се одложени за подоцна.
Тоа значи дека овој „договор“, во оваа фаза, е помалку договор, а повеќе признавање на новото статус кво постигнато во војната. Од прекинот на огнот објавен на 5 април се разликува само по тоа што САД го укинуваат притисокот од поморската блокада што ја наметнаа на 13 април.
Значи, војната всушност имаше две фази на неуспешна принуда (воена, потоа економска со блокадата), а Меморандумот за разбирање го формализира неуспехот на двете.
САД во замена добиваат дијалог за своите првично наведени воени цели (како нуклеарната), за кои докажа дека не може да ги наметне со сила. Непотребно е да се каже дека не добивате подобри услови на преговарачката маса откако ќе покажете дека не можете да ги остварите на бојното поле.