Секоја петта израелска извозна пратка за Европа во изминатите десет години била произведена на окупираните палестински територии, покажува извештајот „Увоз на окупација“ на непрофитната организација Глобал ехо.
Организацијата истражила повеќе од 30.000 извозни документи што опфаќаат повеќе од 6.800 пратки во периодот од октомври 2017 и февруари 2026 година. Најмалку 42% од производите биле лажно етикетирани дека биле одгледани во Израел. Само пратките што ги испитал Глобал ехо, кои претставуваат мал дел од вкупната земјоделска трговија на Израел со Европа, содржеле лажно декларирана стока во вредност од 13 милиони евра.
Потеклото на производите се пренасочува преку лажни адреси или се мешаат со стоки од признатите граници на Израел, предупредува Мајкл Линк, поранешен специјален известувач на ОН за Палестина.
Во извештајот се додава дека европските царински агенции не обидуваат да го спречат ова фалсификување, со што индиректно го помагаат финансирањето на окупацијата на Палестинските територии. Глобал Ехо најави тужба против овие прекршувања.
Ова не е случајно. Ова е систем што ЕУ и Британија го прифатиле и го овековечиле, вели Емили Шефер Омер-Ман, извршна директорка на Глобал ехо.
Европа е најголемиот пазар и најголем трговски партнер на Израел. ЕУ учествува со речиси 30% од вкупниот израелски извоз. Со договорот за слободна трговија од 1995 година ЕУ ги намали царините за израелски стоки, но ова не важи за производите од меѓународно нелегалните доселенички населби со кои Израел ја зацврстува окупацијата на Западниот брег.

Глобал Ехо издвојува три техники со кои Израел ги заобиколува европските царини. Некои производители наведуваат точна адреса на населбата, но производите ги декларираат како „израелски“. Ова лажно етикетирање е дозволено според техничкиот договор од 2005 година помеѓу Израел и ЕУ и е охрабрено во упатствата од израелската даночна служба. Товарот за проверка се префрла врз царинските служби во ЕУ и Британија, кои рутински ги прифаќаат израелските декларации, иако законски се обврзани за стоки од овие локации да бараат документи од автономните палестински власти или од Сирија за производи од Голанската висорамнина.
Вториот начин е фалсификат - фирмите на доселениците пријавуваат лажна адреса во Израел. Третиот опфаќа мешање на производите во магацини, ладилници или погони за пакување, при што на извозната етикета е наведено „Одгледано во Израел“.
Размерот на економијата на доселеничките населби е замаглена од израелските власти, кои овие региони ги сметаат за дел од Израел. Последниот податок доставен до Светската банка пред 15 години покажува дека 2,23% од вкупниот извоз за Европа доаѓа од палестински територии. Оттогаш, бројот на доселениците на окупираниот Западен Брег се зголеми за над 50%.

Израелските власти ги поддржуваат доселениците со разни ограничувања за палестинските земјоделци, од забрани за движење и прекинување на пристап до вода до насилни напади.
Ја бришеме Зелената линија преку земјоделството во Јудеја и Самарија (окупираниот Западен Брег), објави израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич.
Зелената линија е границата на примирјето од 1949 година, по која според меѓународните закони Израел треба да се разграничи од идната палестинска држава.