Британија троши стотици милиони на „зелено перење“

Владата на Кир Стармер потрошила 200 милиони фунти од даночните обврзници за да им помогне на големите компании да постигнат „нето нула“ емисии на штетни гасови, иако „зелените“ проекти во кои се вложени парите реално не ја компензираат штетата. Се финансираат и апсурдни проекти како запирање на загадувањето на морињата во африкански земји без излез на море.

Бразилските федерални власти го оспорија најголемиот британски проект за покривање на еколошките штети од големите компании. Лондон вложи 136 милиони фунти за пошумување во бразилската сојузна држава Пара, каде што премиерот Стармер сега учествува на глобалниот самит за климатски промени КОП 30.

Пошумувањето се смета за „јаглероден кредит“ што би неутрализирал емисии на 12 милиони тони штетни гасови. Бразилските обвинители бараат договорот да биде поништен, затоа што е спротивен на законите и не биле консултирани домородните заедници.

Проектот во Пара е дел од пошироката програма за Меѓународно финансирање на климата (МКФ), која веќе е критикувана поради корупција и расипничко трошење. Проекти на МКФ вклучуваат изградба на пат низ амазонската џунгла, за што се издвоени 52 милиони фунти, поставување соларни панели за еден од најбогатите хотелски синџири во светот, обновување на дивиот свет во мочуриштата во Уганда - што ги донесе локалните заедници на раб на глад, дури и запирање на загадување на океани со пластика во африкански земји без излез на море.

Владата вети дека ќе потроши 11,6 милијарди фунти на МКФ до крајот на фискалната година.

Службеници од Одделот за енергетска безбедност и нето нула (DESNZ) во официјални документи наведуваат дека се губи доверба во пазарите на јаглерод и дека инвестициите во кредити може да се сметаат за „зелено перење“ - лажни тврдења што на компаниите им помагаат да изгледаат еколошки, иако реално не се.

Кредитите се создаваат кога еквивалентната количина на испуштен јаглерод диоксид се компензира на друго место со садење дрвја. Но, многу од проектите не успеале или намерно биле преувеличени еколошките придобивки.

Има само „привидни причинско-последични врски“ помеѓу шемите за намалување на емисиите и реалните придобивки од пошумувањето. По повеќе од 10 години спроведување на проектите, нема конзистентни трендови на опаѓање на стапките на уништување на шумите низ сливовите на тропските шуми, заклучил DESNZ.

Кампањата Amazon Watch за заштита на Амазон, го опиша британскиот проект како „најнов во долгата низа шеми за зелено перење, промовирани од корпорации и богати влади“.

Ќе ни биде многу подобро да ги удвоиме иновациите и да произведуваме чиста технологија што можеме да ја продаваме низ светот, наместо да трошиме стотици милиони фунти пари од даночните обврзници за закрпи за мултинационални корпорации, изјави опозициската пратеничка Клер Кутињо.

5 ноември 2025 - 12:58