Причина за повлекувањето е разочараноста на припадниците на Сириските демократски сили (СДФ), доминантно Курди, од обидите на американската администрација да ги смират турските власти и нивниот гнев околу соработката меѓу САД и Курдите, како и одбивањето на Американците да им помогнат на Курдите во одбрана од Турците.
„Меѓународната коалиција нè остави на цедило. Не го направија за нас она што го очекувавме да го направат по толку долго партнерство.
Ние сме сојузници. Американците требаа да ни помогнат. Ние сме сојузници многу долго време.
Еден и пол месец ние сме под напад од Турција. Турција користи НАТО оружја за да нападне американски сојузник. Ние сме партнери во борбата против ИСИС, и тие не направија ништо за да ни помогнат,“ изјавил за Вашингтон пост, претставник на курдската администрација во Северна Сирија.
Борците на СДФ од фронтот во источна Сирија ќе се префрлат во курдската енклава во северозападна Сирија, Африн, за да им помогнат на своите соборци кои се обидуваат да ја спречат 6-неделната турска офанзива за освојување на областа. Турската офанзива до сега расели околу 10.000 лица, а стотици цивили се убиени.
Во соопштението на СДФ се порачува дека повлекувањето немало да се случи „доколку не беше неуспехот на меѓународната заедница во смирување на турската агресија и ставање вистински притисок врз владата на Ердоган.“
Прераспределувањето значи повлекување на 1.500 до 1.700 војници од фронтот во источна Сирија, како дополнување на илјадниците Курди кои претходно заминаа за Африн. Како последица на ова операциите против ИСИС во источна Сирија се ставени во мирување, и претежно се преземаат одбранбени дејствија за да не се изгубат освоените позиции.
Американците пак од своја страна се заканија дека ако СДФ се повлече од борбата против ИСИС, и тие ќе ја повлечат својата поддршка за СДФ (обука, логистика, оружје и муниција). Моментално, празнината оставена од заминувањето на Курдите ја пополнуваат околу 2.000 американски војници во Сирија.
Сириските Курди кои доминираат со СДФ се блиско поврзани со Работничката партија на Курдистан, која и САД и Турција ја водат како терористичка организација.
Според Арон Штајн од Атлантскиот совет во моментот САД се во невозможна позиција:
„САД се обидуваат да менаџираат војна во Сирија додека се справуваат со двајца сојузници кои не можат да се поднесат еден со друг. САД одбиваат да признаат дека тука имаат голем проблем.“