Обуки за диверзитет и инклузија се бадијала горење пари

По убиството на Џорџ Флојд на чудесен начин процвета една индустрија која нудеше скапи обуки за диверзификација и уште поскапи експертизи за „најдобри практики.“ Милијарди долари вредна шашма која брзо се вгради во многу моќни јавни и приватни институции. Учинокот на таа сурија експерти и консултанти е некогаш нула, а некогаш минус.  

ДПИ индустријата за диверзитет, правичност и инклузивност (DEI - diversity, equity, and inclusion) експлодираше во 2020 и 2021 година, но подоцна почна да биде преиспитувана, не само во американските федерални држави контролирани од републиканците. Корпорациите ги намалуваат трошоците и персоналот за ДПИ а медиуми како „Њујорк тајмс“ сè почесто ѝ приоѓаат на темата со скептицизам.

Малку доцна. Оваа милијарди долари вредна индустрија, без потребна анализа се вгради во толку многу моќни јавни и приватни институции толку брзо што скапи неуспеси беа неизбежни.

Најлошото од таа индустријата е што е скапа а нејзиниот учинок се движи од бескорисна до контрапродуктивна.

Златната треска на ДЕИ започна во 2020 година по убиството на Џорџ Флојд (види: Завршниот есап од човекот кој покрена револуција) . Смртта на сиромашен црнец стана изговор на корпорациите да им се продаваат магливо дефинирани консултантски услуги.

Убиството на Мартин Лутер Кинг го поттикна усвојувањето на Законот за граѓански права од 1968 година. Терористичките напади од 11 септември 2001 година, предизвикаа војна против Ал Каеда и окупација на Ирак. Убиството на Флојд беше слично галванизирачко. Апсењето, судењето и осудувањето на инволвираните полициски службеници беше најнепосреден одговор.

Но, приказната на Флојд отвори некои дополнителни можности.  На пример, да се ангажираат „експерти“ за ДПИ за да ги собираат вработените на обука. Обука за што?

Тешко е да се каже. За што е некој обичен ако му пуштаат да ја слуша Робин ДиАнџело, најпродаваната авторка и едукаторка за социјална правда, како предава за „белата кревкост“ (види: Вие кога ќе дознаете дека сте бели?)? Или ако ги апсорбира тврдења на консултантот за расна рамноправност Тема Окун дека „индивидуализмот“ е особина на „културата на белата супремација“?

На корпоративните лидери им се ветуваа скапи експертизи за „најдобри практики“, се нудеа скапи обуки за „микроагресии на работното место“...

Harvard Business Review своевремено објави статија „Тренинзите за дивирзитет на функционираат“, која во голема мера се потпира на истражување на тројца американски социолози.

„Анализа на 829 компании во текот на 31 година покажа дека обуката за различност „немала позитивни ефекти на просечно работно место““, се вели во статијата. „Милиони долари годишно се трошеа на обуки, и тоа резултираше со ништо“.

Тие заклучија дека обуките за различност се веројатно најскапите и најмалку ефикасните програми. Но лидери на корпорациите продолжуваа со нив, загрижени како ќе бидат перцепирани ако ги откажат.

Во 2021 година, во статија во Годишниот преглед на психологијата, екипа научници заклучи дека користените истражувања за тоа како да се намалат предрасудите и самите се фалични и потпросечни а одлично „се шиткаат“.

Дури и на инсајдери тоа им е јасно. Лани во Harvard Business Review, Лили Женг, стратег за ДПИ призна дека таа индустрија има „голема а  лошо чувана тајна“, тоест дека реалната ефикасност на повеќето обуки и интервенции е пониска отколку што многу практичари тврдат.

„Рефлексното ангажирање на ДПИ консултанти со сомнителна експертиза и магливи методи е да гориш пари додека луѓе едвај преживуваат. Професионалците треба да се чувствуваат добро што направиле нешто за социјална правда не откако ќе спроведат или присуствуваат на обука за ДПИ, туку кога ќе им дадат пари на сиромашни луѓе“, пишува Конор Фридерсдорф во Атлантик.

 

2 јуни 2023 - 21:31