Во септември, кога новинарите на Њу рипаблик се среќаваат со него, тој организира две до три патувања на ден од Измир до Лесбос, кој е околу 13 километри оддалечен од турскиот брег.
На секој од бродовите сместува меѓу 30 и 50 луѓе, на кои им наплаќа меѓу 1.000 и 1.500 долари по човек. Секое минување (со повратна карта) Бехар го чини меѓу 10 и 15 илјади долари. Тој тврди дека во последниве две години, има заработено над 2 милиона долари.
На седнување на разговор за интервјуто, Бехар ги покажува и останатите свои производи - лажни турски, сириски и ЕУ лични карти, возачки дозволи и пасоши.
Од Њу рипаблик пренесуваат одредени калкулации дека само во Измир има уште околу 2.000 шверцери на луѓе, а на овој бизнис на територија на Европа вработени се речиси 30.000 луѓе.
"Додека пиеме турско кафе, некој му ѕвони на Бехар на телефон, и го информира дека околу 500 луѓе кои сакале да влезат во Грција преку Едрине биле вратени назад од турската полиција. Тој не може да одолее да не се насмее: безбедна рута преку копно би значела крај за неговиот бизнис," пишуваат Лубна Мрие и Мигуел Виноград во интервјуто за магазинот.
Тој ги шета двајцата низ населбата Басмане, една од локациите каде што се сместени стотици сириски бегалци кои чекаат да дојдат на ред за шверцерите да ги пренесат преку море, "некои едноставно кампуваат на тротоарите, плоштадите и дворот во тамошната џамија. На едно дрво обесен е знак на арапски: 'Купуваме сириско злато.'"
Од интервјуто:
- Бехар бизнисот го започнува откако пребегнува од Хомс во Турција и не може да се врати. Тој во прво време му помага на братучед му, со кој организираат тури од Мерсин до Италија. Учествува во 9 тури, и на секоја пренесуваат по 150 луѓе, без ниту еден изгубен брод. Наплаќаат по 10.000 долари од човек. Братучед му е избеган во Германија.
- Турските власти и полицијата никако не се вклучени во шверцот, се трудат да немаат инциденти ниту средби со нив. Единствено има Турци локалци што помагаат.. На пример луѓе со земјиште кое излегува на море, кои за закотвување на бродовите наплаќаат од 5 до 8 илјади долари.
- Негова работа е да набави гумени чамци од Европа, кои заедно со моторот чинат 8.000 долари. "Има и поевтини ама не се безбедни. Другите ставаат по 60 луѓе во брод, јас гледам да не надминам 45. Кога е во прашање безбедност, не им верувам ни на моите луѓе околу тоа што се случува, се обидувам директно да се чујам со бегалците за да ги прашам колку луѓе се на бродот."
- Има 35 вработени, од кои секој го плаќа по 1.000 долари месечно.
- Тој не го препорачува Бодрум како стартно место за патување, заради силните струи, "сите давења таму се случија." Бродовите кои тргаат од таму можат безбедно да издржат 40 луѓе, а најголемиот дел од нив се наполнети со речиси 70 луѓе. Наспроти тргнувањето од Бодрум, патувањето од неговата локација трае околу 20 минути, и во Измир давењата се многу ретки.
- За разлика од почетокот, кога Турција имаше корист од сириските бегалци, сега работите се сменети и земјата чувствува притисок од гостите, "па, сега кога Сиријците одлучија да ја напуштат Турција, турската влада нема да се мачи да ги сопре."
- Тој верува дека Западот ја започнал револуцијата во Сирија, дека таа не доаѓа од луѓето, како дел од планот за контрола на Средниот Исток. "Јас не верувам во Арапската пролет. Не верувам дека ова беше одлука на народот. Мислам дека ова е план на Западот за контрола на Средниот Исток. Гледај што се случи во Либија, која е поделена на три дела. Исто така гледај го Египет, хаос низ целата земја. Гледај што се случува во Ирак. Гледај го Средниот Исток, како е целиот поделен: Токму ова е тоа што Западот го посакува. Сакаат големите држави да бидат поделени за тие да можат полесно да ја контролираат иднината."