Моменталната аудиција на демократите за избор на противник на Трамп се уште има преголем број на кандидати, кои за членовите на Демократската партија се луѓе што имаат иста идеологија но се разликуваат во нијанси и наклонетост кон одредена тема.
Сет Акерман во Јакобин магазин пишува дека негово чувство е дека кога Сандерс на пример повикува на префрлање на моќта од корпорациите на работниците, голем дел од партиските војници претпоставуваат дека тој само гласно го кажува тоа што популарни демократи како Обама навистина го веруваат во себе, но се политички премногу претпазливи за тоа јавно да го изјават.
„Зошто лојалните демократи се под такви илузии околу нивните партиски лидери? Затоа што тие лидери вложуваат сериозен труд за да ги создадат тие илузии - и во најголем дел успеваат. Иако голем дел од нас од левицата обично се исклучуваат на излитените шаблон говори на меинстрим демократите, тоа знае да биде проблем за тоа што за оние без идеолошки панцир, овие шаблон говори прават говорникот да звучи како некој што има исти вредности со, на пример, Берни Сандерс.
Како резултат на ова, има милиони лојални демократи чија лојалност потекнува од еден извор на верување, дека Демократската партија е таму за во нивно име да им се спротивстави на интересите на моќниците. Јавните ликови на Обама и Сандерс може крајно да се разликуваат по стотици различни основи, но идеолошки, десетици милиони демократи го гледаат Берни Сандерс едноставно како Барак Обама, само повеќе,“ пишува Акерман.
Според него оваа хипотеза потоа помага да се објаснат инаку необјасниви факти, од типот дека Сандерс е „број еден втор избор“ на гласачите на Бајден. Ова е необјасниво бидејќи во реалноста, освен што се двајца бели старци, тие се комплетно спротивни. Додека намерата на партијата е Сандерс да се претстави како фракционерски кандидат кој го достигнал плафонот на својата поддршка, за обичниот демократ Берни има најголема наклонетост од сите кандидати, тој е на второ место по блискост со политичките ставови на гласачите, и еден на еден Сандерс во анкетите го победува секој друг кандидат на демократите.
„Не е тешко да се види како ова ја става елитата на демократите во очајнички теснец. Постои идеолошка битка која се одвива внатре во партијата, иако голем број обични демократи тоа едвај го забележуваат. Меѓутоа тоа е битка која никој не сака да ја спомне. Кој било легитимитет од народот што партијата го има зависи од внимателно одгајуваната заблуда дека нејзините принципи се оние кои сега се најблиско поврзани со Берни Сандерс. Заради тоа за нив е истоштувачки тешко да состават ефикасна анти-Берни порака,“ објаснува Акерман.
Она што до пред некое време им успеваше на демократите е (заради допадливост) да кажат дека тие комплетно се за Сандерс, но проблемот е што никој не гласа за него, што би значело уште една победа за Трамп во ноември. По освојувањето на најголем број гласови од гласачите во Ајова, и победата во Њу Хемпшир, овој аргумент комплетно пропадна.
„Неверојатно, но токму идеолошката невиност на обичните демократи, нивната партиска лојалност и верба во своите лидери - истата сила која има даде на овие лидери одврзани раце да раководат со партијата како што сакаат - е тоа што сега, како пеколна машина, незапирливо работи против овие лидери.
Со децении, овие партиски лидери го протежираат ставот дека внатрепартиските недоразбирања никогаш не се околу исходот туку околу начинот како да се стигне до тоа; дека се работи само за утврдување на најдобрите начини за остварување на идеалите што секој во партијата наводно ги споделува: идеалите за правда, сочувство, заштита на обичниот човек. Сега, на нивен ужас, ним им е јасно дека ваквиот став го оставило нивното стадо подложно на привлечноста кон кој било искрен политичар што може да се појави и да зборува за правда, сочувство и за заштита на обичниот човек.
Не за прв пат во историјата, оние кои го прекрија очите на народот го прекоруваат истиот за неговата слепост. И сега тие го добиваат тоа што им следува,“ пишува Акерман.